недела, 20. јуни 2021. Вести денес: 92
home Вести

Мицкоски: Горди сме на нашата антифашистичка борба, Заев тоа го погазува

Мицкоски: Горди сме на нашата антифашистичка борба, Заев тоа го погазува

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод Денот на победата над фашизмот во Могила на непобедените во Прилеп, им оддаде почит на хероите и истакна дека секој граѓанин треба да е свесен дека единствен народ на Балканот е македонскиот кој својата државност ја стекнал преку НОБ без европски или светски спонзори. Борбата за слобода не е никаков изолиран случај туку континуиран процес на неколку Илиндени, истакна Мицкоски.

-Денес седиме овде наспроти плочите каде се вклесани имињата на 462 партизани од НОБ од Прилеп и околината кои ги дале своите животи за нашата денешна слобода и држава. И имињата на овие луѓе не треба никогаш да заборавиме бидејќи буквите на нивните имиња се испишани со падната крв за нашата слобода и иднина. Ете толку е скапа нашата слобода и државата која што е спечалена со крв, пот и страдања. Нашите предци не`не посрамотија, рече Мицкоски и беа на вистинската страна, прашањето е дали денешната власт го чува тоа наследство и не ги посрамотува нашите предци?, посочи Мицкоски.

Одговорот го добиваме кога премиерот, рече Мицкоски во името на некакво пријателство, вели дека тука имало администрација, а не фашистички окупатор, што самото по себе е тешка небулоза и невистина.

-И тоа е дотолку страшно зошто се вика брутално, сурово убиство на вистината. Од друга страна премиерот на нашиот источен сосед, оној нели кој Заев го вика брат, ќе рече Делчев бил бугарски револуционер, а македонски војвода. Ваков оксиморон, ваква противречност во една реченица не е возможна. И не е страшно во што тие веруваат, може да веруваат во што сакаат, лошо е што македонските власти молчат. Веќе жал ме фаќа и јадно е за гледање она нивно препелкање, на премиерот и сите министри до еден кога ќе требаат да честитаат некаков важен јубилеј или празник. Успех на фудбалска или ракометна репрезентација, или да се одбележи некој ден, 4 мај, 8 септември или 11 октомври. А сигурно и денес на 9 мај тоа ќе се случи. Ќе изнапишат статуси, ќе смислат 300 варијации, само да не го споменат името Македонија. Бегаат од него, срамежливо ќе асоцираат, како да сме безимени. Од новото име се срамат, а Македонија не ја пишуваат. Тука ќе им го видите нивниот ум и нивното отсуство на кичма. Работите мора да се гледаат реално и да се кажуваат такви какви што се, без додавања, точки или запирки, дециден е Мицкоски.

Денес требаше да биде третата година продолжи Мицкоски, откако Заев го прослави добивањето на датум и почеток на преговори.

-Сигурно ја паметите онаа фотографија сликани во владиниот авион. Но 4 година не мрднаа ниту милиметар напред. А ние 30 години, 30 долги и мачни години само правиме отстапки. Сменивме знаме, Устав во повеќе наврати, добивме пресуда во Меѓународниот суд во Хаг па не убедуваа дека тоа била цената на геостратегијата и силата на посилниот, Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. Потпиша договор со Бугарија кој го нарече договор за добро соседство, и се фалеше дека ги затворил сите отворени прашања. И што добивме?

Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме, изјави Мицкоски од Могила на непобедените во Прилеп.

Тој на крајот од својот говор порача дека Македонците имаат не само право туку и должност, обврска да ги чествуваат овие денови и паметници, затоа што и Македонија покажа пркосна жилавост и борба во едни тешки времиња, и најважното беше на вистинската страна во народно ослободителната борба, во борбата против фашизмот, во мигови кога многу други народи и држави од соседството и Европа не беа.

-Затоа што нивната слобода е и наша слобода, затоа што и нашата крв го полеваше темелот на заедничката слобода, посочи Мицкоски.

ЕУРО 2020

Македонија