сабота, 26. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски е дециден во ставовите за член 353

Мицкоски е дециден во ставовите за член 353

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дециден во ставовите.

По лидерската средба, на 23-ти јули 2018 година, Мицкоски порача: Со прифаќањето на нашите барања, се гарантира фер изборен процес.

„Се согласивме процедурата која што беше започната за формирање на Државната изборна комисија, преку измени на Изборниот законик, на начин на кој што ќе се смени бројот на пратеници што ќе гласаат за избор на членови на ДИК, односно наместо двотретинско мнозинство да биде со мнозинството од вкупниот број пратеници, ќе се стопира и ќе се повлече, ќе се врати старата процедура.

До овој момент не преговаравме и не разговаравме за други теми, ниту за карактерот на референдумот, ниту за евентуалното референдумско прашање. Во втората половина на денот очекуваме и таа тема да ја почнеме, но она што е важно е дека со овие усогласености кои што ги постигнавме во првата половина на денот се гарантира еден успешен изборен процес кога и да се случи, дали тоа ќе биде на предвремени или на редовни парламентарни избори.

Опозицијата ќе се чувствува комотно бидејќи ќе ги има истите услови кои што опозицијата тогашна за време на предвремените парламентарните избори во декември месец 2016 година ги имаше, односно концептот на техничка влада, односно влада која што ќе обезбеди сигурност и стабилност на еден изборен процес.

Исто така законот за финансирање на политички партии е голем чекор, бидејќи на тој начин, добиваме еден модел кој што ќе гарантира зголеменост на транспарентноста и отчетноста на финансиите на сите политички партии, ќе превенира евентуални злоупотреби во иднина. Тоа беа позициите на ВМРО-ДПМНЕ, добро е што владејачкото мнозинство ги прифати тие позиции

Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ беше дека она девијантно однесување и насилнички упад преку измените во Изборниот Законик ќе се сопре и ќе можеме да дискутираме за едно нормално однесување во рамките на Парламентот“, рече тогаш Мицкоски.

Во однос на бараните измени на Кривичниот законик во членот 353, Мицкоски рече дека никогаш не било разговарано на оваа тема.

-Тоа беше еден обид да се сврти вниманието на јавноста од реалните теми, од штетниот договор потпишан со нашиот јужен сосед Грција, но и од оние реални теми кои ни се случуваат во последно време, а сведоци сме и јавноста е сведок на сите оние потенцијални коруптивни дејанија во делот на доделување на тендери на човек – фирма од неколку десетици милионски тендери, потоа тука се оние средства кои што ги додели Фондот за технолошки развој на компании кои што се директно поврзани или блиски до владејачкото мнозинство. Сите тие злоупотреби можеме да ги сведеме на знак равенство дека во догледно време, многу брзо одговорните лица, министрите ќе бидат теретени по истиот тој член 353 од Кривичниот законик поради злоупотреба на должноста. Ние ниту сме разговарале, ниту сме имале намера по таа тема. Тоа што разговаравме е ова што ѝ го кажав на јавноста. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, нашите услови во делот на финансирање на политичките партии, во делот на формирањето на пржинскиот концепт на формирање на техничка влада и враќањето назад на процедурата за измена на Изборниот законик, а во насока на носење на составот на Државната изборна комисија се постигнати, а тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи на формирање на Државната изборна комисија која што всушност е испразнета поради оставките кои порано ги дадоа членовите на изборната комисија, рече тогаш Мицкоски.

На 12-ти септември, пак, годинава, Мицкоски говореше за членот 353.

Тој член 353 став 5 допрва ќе донесе штета на една плејада функционери од владата на СДСМ и Зоран Заев, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата Анализа на Телевизија 24.

-Утре, задутре кога ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада треба да премолчи на целиот тој криминал кој што го видовме, целиот тој непотизам, сите оние нетранспарентности? Зарем треба да го премолчиме 35 милиони евра тендерот кој беше даден на фирма стара 7 дена?…, запраша Мицкоски.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ има поднесено неколку кривични пријави за аферите на власта.

Коронавирус