петок, 23. октомври 2020. Вести денес: 124
home Вести

Мицкоски: Додека власта провоцира излегување на ВМРО-ДПМНЕ од Собрание, поминаа десетици закони штетни за граѓаните

Мицкоски: Додека власта провоцира излегување на ВМРО-ДПМНЕ од Собрание, поминаа десетици закони штетни за граѓаните

Одлуките на пратеничката група се носат заеднички, таа е составен и интегриран дел од ВМРО-ДПМНЕ и тие одлуки единствено зависат од пратениците и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Независен.

-Донесовме одлука за присуство на седницата каде што се обрати генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, од причина што не сакавме да се злоупотреби евентуалното наше неприсуство. Ние сме биле и остануваме со политиката ориентирани кон Европската Унија и НАТО, и нашиот протест е пред сѐ насочен кон власта која врши брутален политички прогон. Пратеници, уметници и недолжни граѓани се во затвор, вработени се бркаат од работа само поради тоа што се неистомисленици со Владата. Воедно, додека ова се прави, Владата во Собранието протуркува дузина закони кои се штетни и без каква било демократска дебата. Тоа се закони што власта свесно ги носи без присуство на опозицијата, затоа што со овие закони им се овозможуваат дополнителни привилегии на власта и се дел од заткулисни коалициски договори со кои граѓаните не беа запознаени пред изборите. Таков е законот за државни службеници со кој се легализира на извесен начин она што досега се прави на незаконски начин и постапки, а тоа се бркања од работа и деградирање од работни позиции, донесоа закон со кој ја зголемија цената на нафтата, потоа се ратификуваше и Договорот со Бугарија кој содржи штетни аспекти за нашите национални интереси, но и се гласаше нов неуставен закон за јазици со кој Македонија наспроти сите тврдења на Владата, станува двојазична држава, вели Мицкоски.

Тој додава дека сето ова се случува без каква било дебата, можност за соопштување контрааргументи.

-Тие не се подготвени да слушнат поинакво мислење, а едногласноста им одговора и затоа имам чувство дека нашето излегување од парламент е момент што се чека и посакува за да се носат закони спротивни од интересите на граѓаните. Со други зборови, провоцираат напуштање на Собранието, дефокусираат јавност со други теми, додека поминуваат „возови“ далеку од очите на јавноста. Ние немаме донесено одлука за конечно враќање во парламент, но многу набрзо ќе има дефинитивна одлука. Што се однесува до притворите за 27 април, сосема е извесно дека тие се жртва на политички прогон, а ние сме единствената земја каде што пратеници, оперски пејач, актер, режисер, архитект и ревносни и добри административни службеници ги прогласи за терористи, и додека во исто време тие седат по затворите, оттаму се пуштаат на слобода докажани и осудени криминалци, затоа што власта донесе закон за амнестија. ВМРО-ДПМНЕ најмногу ќе им помогне на жртвите на политички прогон доколку тие излезат на слобода, а верувајте тоа останува наша заложба, смета Мицкоски.

Коронавирус