недела, 11. април 2021. Вести денес: 101
home Вести

Мицевски: Парламентарното мнозинство е нестабилно и нефункционално, ВМРО-ДПМНЕ ќе работи ревносно на законот за тутун и ќе им помогне на граѓаните

Мицевски: Парламентарното мнозинство е нестабилно и нефункционално, ВМРО-ДПМНЕ ќе работи ревносно на законот за тутун и ќе им помогне на граѓаните

На денешната седница на Собранието на Република Македонија процедурално се обрати пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој се осврна на работата на парламентот, како и на аномалиите во парламентарното мнозинство.

Мицевски потенцираше дека во Собранието на Република Македонија одреден период наназад се чувствуваат празнините и аномалиите на парламентарното мнозинство, односно на неколку седници кои што се одржаа изминатиот период, пратениците од власта не можат да го соберат потребниот кворум.

Мицевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ иако знае дека парламентарниот состав не е потполно функционален поради отсуствата на пратениците од мнозинството, сепак ќе поднесе барање за закажување и продолжување на четири седници, за граѓаните да бидат уверени во работата на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, иако оние кои треба да се тука, не се присутни на седниците и не сакаат да расправаат за проблемите на граѓаните.

– СДСМ и коалиционите партнери да имаа мнозинство какво што очекуваа, ќе ја продолжеа и 34-та седница во која има над 70 точки, но бидејќи немаат мнозинство во парламентот, избегнуваат да ги отвораат темите. Тоа доволно кажува за неревносното работење на парламентарното мнозинство и за несигурностите кои ги имаат во редовите одреден период. Ваквиот начин на работа покажува дека ситуацијата не е добра и наскоро ќе треба да се размислува за посериозно парламентарно мнозинство, истакна Мицевски.

– ВМРО-ДПМНЕ очекува власта да има слух за тутунарите и да се отворат прашањата кои ги засегаат овие луѓе, но очигледно власта нема слух за проблемите на оваа категорија на граѓани. По однос на тоа прашање, ВМРО-ДПМНЕ побара да се одржи посебна седница на која ќе се расправа за проблемите на тутунарите и законот за тутун. Бидејќи парламентарното мнозинство не присуствува на седниците и нема намера да работи за доброто на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе прави кворум на таа седница и ќе учествува активно во разгледувањето на законот на тутун, бидејќи на тие луѓе мора да им се помогне, заврши Мицевски.

Коронавирус