недела, 25. јули 2021. Вести денес: 74
home Вести

Мерко недолично се однесувал кон новинари, реагираат од ЗНМ

Мерко недолично се однесувал кон новинари, реагираат од ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации и најостро го осудува недоличниот однос на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко кон новинарката на Алфа ТВ и новинарите присутни на прес-конференцијата во текот на вчерашниот ден на тема дивоградбите во општина Струга.

Од ЗНМ, потенцираат дека јавните личности, особено избраните функционери се подложни на јавна критика и тоа треба да го прифатат како дел од нивната работа и треба да се воздржат од изјави кои што на кој било начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници, а тоа со себе може да повлече многу негативни последици.

-Слободни медиуми и новинари се основа на функционирањето на секое демократско општество, а предуслов за таа слобода е и можноста за работење на медиумските професионалци во атмосфера ослободедна од закани и навреди . Новинарите работат за јавноста и дозволено е нивните постапки да бидат предмет на критика, но само доколку таа е аргументирана, културна и не предизвикува говор на омраза, повици за загрозување на нивната безбедност и слично. Апелираме во иднина градоначалниците како претставници на политичките партии сериозно да поработат на односот со новинарите бидејќи токму тие се главната причина за слабото рангирање на земјата на светските индекси за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите, се посочува во соопштението од ЗНМ.

Коронавирус