Адвокатот Тони Менкиноски во вечерашната емисија “24 Анализа” околу она што денеска беше актуелно за долгот на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори во висина од околу 400 илјади евра што го отвори скопското јавно обвинителство потенцираше дека ЈО наместо да си ја работи работата и да си ги решава предметите кои што граѓаните очекуваат да се решат, обвинителството работи во името на СДСМ.
-Многу интересно. Јавното обвинителство очигледно работи партизирано и сега се фокусира на програмата за избори на СДСМ, па отвора истраги и предистраги. Првата грешка која треба да ја кажеме е и која не смее ЈО да ја стори е претпоставката за невиност, не смее да објавува информации од ваков тип во јавноста. Значи треба да ја почитува строго претпоставката за невиност. А втората работа што сакам да ја потенцирам е ЈО да почне да си ја работи работата внатре во обвинителството, оти 50 посто од предметите ги отфрла и не ги работи, а граѓаните имаат потреба од оваа институција да функционира. Имено, ние направивме анализа на сите јавни обвинителства, но иако тоа е работа на Министерството за правда, ние тоа го направивме како комисија и согласно на таа анализа ние дојдовме до страшни и фрапантни податоци според кои ЈО наместо да ги гони сторителите на кривични дела во РМ последниве 3 години, спие во зимски сон. 50 отсто отфрлање на кривични пријави, фокусирано е на политички случаји, нема конфискација на имот, многу ретко некаде е побарано, и зошто постои тоа ЈО ако на тој осуден не му се одземе противимотната корист. Така да не ме чуди ваквата кампања на предистраги и истраги и тоа нема да се сопре ни во наредниот период, но граѓаните многу добро знаат да ја оценат, рече Менкиноски.