понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Мемети откри фрапантни бројки: Годинава 41 отсто повеќе граѓани се жалат на судството

Мемети откри фрапантни бројки: Годинава 41 отсто повеќе граѓани се жалат на судството

Остварувањето на правата на граѓаните почнува на микро ниво, насекаде околу нас, од домот, семејството, училиштето, работната околина… Тие се местата каде треба да се бараат еднакви права еднакви можности, почитување на достоинството без дискриминација, без тоа тие не можат да се бараат во пошироката заедница или во светот. Треба да се обезбеди независно судство, ослободено од политички, бизнис и лоби влијанија, а во судските постапки да се почитува правото на презумција на невиност и да им се обезбеди правично судење.

Ова беа ставовите на дел од учесниците на денешната Конференцијата „70 години од Универзалната декларација за човекови права: Улогата на адвокатите за заштита и унапредување на човековите права“.

Народниот правобранител Иџет Мемети истакна дека остварувањето и гарантирањето на правата на граѓаните во Македонија не е на високо ниво и оти и натаму има голема недоверба во институциите и владеењето на правото.

Годинава за 41 отсто е зголемен бројот на граѓани кои се жалат на правосудниот систем во споредба со минатата година. Лани на ова се пожалиле 576 граѓани, а годинава таа бројка пораснала на 811. Според Мемети, за 60 проценти повеќе поплаки има за правата од областа на работните односи, за имоти односи за 37 проценти и за детски права, семејно насилство, негрижа за децата … за 25 проценти.

-За жал, кај нас во континуитет имаме проблеми токму на полето на независноста на судството и владеењето на правото, што секако делува фрустрирачи за сите, особено за граѓаните кои ја губат правната сигурност и вербата во правично судење. Обврска на власите е да обезбедат услови за непречено функционирање ослободено од секакви партиско-политички стеги. Таму каде почнува политиката, завршува правото, истакна Мемети.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека предизвикот на Владата во битката за остварување на правата на граѓаните е уште поголема ако се има предвид, како што рече, дека Македонија штотуку излегла од она што теоријата го нарекува „заробена држава“.

-Затоа битката за воспоствување ефикасен систем за заштита на човековите права мора да се води на неколку колосеци, правна реформа, градење институционални капацитети и ефикасни институции кои ќе ја вратат изгубената доверба, и градење политичка култура на кативни граѓани кои си ги знаат човековите права, рече Дескоска.

Независноста на судството кон која целиме, додаде таа, преставува столб на човековите права и затоа, потенцира, во таа насока се измените на законите за судови и судски совет, како и следењето на препораките на венецијанската комисија. Независноста и непристапноста на судството од политичките партии, лоби групи, бизнис интереси, судски менаџмент е клучна за обезбедување на правдата и гаранција на правата. Таа додаде и дека остварувањето на правата треба да се почне од микро ниво, од домот, училиштата и работната средина. Дури потоа, рече, може да се бара остварување на правата во пошироката заедница и светот.

Преседателот на адвокатската комора на РМ Љубомир Михајловски, која е и организатор на конференцијата, истакна дека заштитата на правата може единствено да се оствари преку овозможување на владеење на правото во државата, нешто што е потенцирано во Универзалната декларација за човековите права.

-Човековите права се под опсада низ целиот свет, универзалните вредности се уништуват, владеењето на правото се поткопува, а принципите зацртани во Универзалната декларација се релативни, рече Михајловски. Сите ние, додаде, треба да се залагаме и за сопствените права и за правата на другите тежнеењето кон заштита на човековите права.

Американскиот амбасадор Џес Бејли на адвокатите им порача дека со својата функција што ја извршуваат треба да обезбедат дека правата од оваа декларација се повеќе од зборови на хартија, и оти како адвокати на оние кои се соочуваат со обвиненија за кривични дела, треба да обезбедат дека ситемот на правдата ги отелотворува правата вградени во документите. За поголема доверба во правдата и судството, рече, потребно е и отворање на процесите за јавноста.

Коронавирус