петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 114
home Вести

Медицинските лица поради недостаток на опрема се разболуваат од корона

Медицинските лица поради недостаток на опрема се разболуваат од корона

Додека расте бројот на заболени здравствени работници од КОВИД 19 поради немање на соодветна опрема за заштита, се зголемува и бројот на медицински лица кои си заминуваат поради лошите услови за работа во македонските здравствени установи.

Болничките капацитети секојдневно се полнат, зголемениот број на заболени лица не им дава можност да земаат здив, а здравствените работници го плаќаат данокот на вирусот поради немање на соодветна опрема за заштита.

Според информациите од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата до денес се заболеле вкупно 1.000 здравствени работници, додека 7 ја изгубиле битката со корона вирусот. Последна информација за ново заболени од КОВИД-19 е од Клиниката за нефрологија во Скопје, од кои двајца доктори, две медицински сестри и еден техничар, додека во инфективното одделение на штипската болница се регистрирани еден лерка и болничар позитивни на корона вирус.

Како причина за зголемениот број на здравствени лица од корона вирус е немањето на соодветна опрема за заштита, иако апелираат до министерството за здравство да се обезбеди опрема, се поочигледно е дека ниту владата, ниту министерот Венко Филипче немаат слух за нивниот проблем.

Дека е можен колапс на здравствениот систем укажува и фактот што се поголем број на медицински сестри си заминуваат од здравствените установи а причината поради која што се случува ова е незадоволството од третманот на министерството за здравство и власта кон нивната професија, барајќи подобри услови за работа.

НИСКИ ПЛАТИ

Гордана Бишлиоска од здружението на медицински сестри „За нас“ вели дека незадоволство кај медицинските сестри има бидејќи нивната професија не е регулирана со закон и како што рече во државата има дефицит од медицински сестри, но и дека има сознанија дека голем број на медицински сестри ќе ја напуштат државата и ќе ги потполнат испразнетите места на здравствените институции од регионот и Европа.

-По однос на одлевањето на медицинските сестри мислам дека ќе навлеземе во еден период за кој што зборуваме цело време ние во последно време во здружението, дека нашите сознанија зборуваат за тоа дека многу голем број од нашите сестри се спремаат да ги потполнат испразнетите места во регионот и ширум Европа во здравствените институции со оглед на тоа дека дефицитот на медицинските сестри е глобален проблем и тоа не е проблем само на нашата земја, така да очекуваме и никој не може да претпостави колку ќе биде таа бројка на медицински сестри кои ќе ја напуштат државата, изјави Бишлиоска во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа.

Револтот и разочараноста на медицинските лица дополнително расте бидејќи министерството за здравство не објавува огласи за вработување на медицинските лица кои во ек на пандемија се принудени да работат според договор на дело за плата од 12.000 до 13.000 денари. Но, иако владата и премиерот Заев вети награда за здравствените и медицинските работници си поочигледно е дека нема ништо од тоа. имено вчера и вработените на Инфективното одделение во Гостивар се закануваат со штрајк бидејќи не ги добиле платежните картички во вредност од 40 проценти од платата кои владата ги вети за медицинските лица вклучени во борба против коронавирусот.

ШТРАЈК

Доктор Ратко Наумовски, раководител на инфективното одделение во Гостивар вели дека испратиле и списоци на вработените за платежни картички на вработените вклучени во борба со пандемијата, но не добиле ништо од ветеното, укажувајќи дека тие тоа не го барале туку владата сама им ветила дека ќе доделуваат такви картички, како и дека размислуваат да поднесат тужба или да излезат на штрајк бидејќи како што изјави многу се револтирани.

-Владата извести дека вработените во инфективната клиника во Скопје и инфективните одделенија низ градовите треба да добијат платежна картичка во вредност од 40 проценти од платата, односно по 20 проценти за два месеца. Ни бараа и списоци на вработените да подготвиме, тоа го направивме, но еве не сме добиле ништо. Поднесовме и приговори, но и од тоа ништо. Ова мора некако да се реши. Самата влада јавно обвини дека ќе ги даде тие ваучери за медицински персонал што е вклучен во борба со КОВИД. Ние не баравме, тие сами рекоа дека ќе доделуваат, а сега не ги даваат. Сакаме и да поднесеме тужба, ако треба и ќе штрајкуваме. Многу сме револтирани, вели доктор Наумовски.

Избрзаната одлука на владата за отворање на границите од 12 октомври без ПЦР тестови во услови кога се поголем број на медицински лица ги напуштаат здравствените институции поради лошите услови за работа, кога државата се соочува со дефицит од медицински лица, кога секојдневно се зголемува бројот на заболени медицински лица и граѓани од корона вирус, само може дополнително да ја влоши и така лошата ситуација во која се наоѓа македонскиот здравствен систем.

Коронавирус