среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 162
home Вести

Матичните лекари на онлајн предавање допрва ќе учат за употребата на лекот Ивермектин 

Матичните лекари на онлајн предавање допрва ќе учат за употребата на лекот Ивермектин 

Министерството за здравство информира дека стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и Ковид 19 центрите при интернистичкиот блок, изготви мислење за употребата на лекот Ивермектин кај пациенти со Ковид 19.

-Протоколот преку Лекарската комора во текот на вчерашниот ден беше испратен до матичните лекари. До крајот на неделата Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во цела земја за да се дообјаснат прoтоколите, а веќе следната недела ЛК ќе организира онлајн дискусија со клиничките доктори (лекарите кои работат во болниците) за употребата на лекот, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму посочуваат дека лекот Ивермектин не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на ФЗО РСМ. Согласно Решението на МАЛМЕД истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт.

-Министерството за здравство потенцира дека Ивермектинот е антипаразитски лек со широк спектар на делување, неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација. Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот Ивермектин, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи Ивермектинот, се наведува во соопштението од Министерството.

Иако вчера министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук најави дека лекот е веќе достапен во аптеките, граѓаните мака мачеа да го најдат. Во доцните попладневни часови стана познато дека за дел од аптеките вчера биле обезбедени само мали количини од Ивермектин.

Реакција пристигна и од матичните лекари кои преку социјалните мрежи алармираа дека ниту еден матичен лекар не е информиран, ниту пак се дадени некакви препораки во однос на употребата на лекот.

-Лекот ГО НЕМА во аптеки, а ниту еден матичен лекар не е информиран ниту се дадени никакви препораки. Касниме месеци, а тоа ефектуира изгубени животи. Скандалозно е екскомуницирањето на цело примарно здравство, 80% од COVID19 тука се менаџира. Срамно е лажењето а штетен е ефтиниот PR, напиша вчера матичниот лекар д-р Ненад Лазаров на својот Фејсбук профил.

Коронавирус