петок, 24. септември 2021. Вести денес: 134
home Вести

Масовни вработувања во општините средe економска и здравствена криза: Се вработуваат дури 56 државни службеници (ФОТО)

Масовни вработувања во општините средe економска и здравствена криза: Се вработуваат дури 56 државни службеници (ФОТО)

Трендот на претрупување на институциите со партиски кадри продолжува и на локално ниво. Агенцијата за администрација има објавено дури 56 огласи за вработување на јавни и државни службеници во општините ширум државата.

Станува збор за вработување во општина Шуто Оризари, Чешиново – Облешево, Теарце, Струга, Старо Нагоричане, Свети Николе, Сарај, Велес, Карпош, Аеродром, Кавадарци, Ресен, Липково, Охрид, Зрновци, Желино, Дојран, Пробиштип.

Според податоците до кои дојде КУРИР, општина Шуто Оризари бара двајца државни службеници на позициите советник за просторно и урбанистичко планирање, како и советник овластен градежен инспектор, а нето платата за овие две позиции изнесува 27.000 денари.

Општина Чешиново-Облешево, вработува двајцата државни службеници на позициите соработник за поддршка и развој на локален економски развој, како и еден помлад инспектор за животна средина, а нето платата за првата позиција со која ќе биде платен овој државен службеник е 22.500 денари, додека за втората изнесува 20.987 денари.

Општина Теарце вработува тројца државни службеници, и тоа на позициите помлад соработник за внесување и ажурирање на податоците во Инфoрмационен систем, помлад соработник за даноци и комунални такси, како и еден службеник на позицијата помлад соработник за оперативна поддршка на административни работи. За сите три позиции нето платата изнесува 22.019 денари.

Општина Струга, пак, вработува дури 13 државни службеници на позицијата помлад референт за адекватна услуга се бараат двајца извршители, а нето платата е 15.407 денари. Понатаму еден помлад соработник за администрирање на локален надоместок со нето плата од 21.989 денари, потоа еден извршител на позицијата помлад соработник даночен извршител а нето платата со која ќе биде платен изнесува 21.989 денари. Општината вработува и еден извршител на позицијата помлад соработник за водење регистар за јавни набавки за нето плата од 21.989 денари.

Потоа, еден виш соработник администратор со нето плата од 24.415 денари, а се вработува и еден помошник раководител на сектор за туризам, локален економски развој и меѓународна соработка а нето платата изнесува дури 34.917 денари, еден помлад соработник за унапредување на занаетчиството и туризмот со нето плата од 21.989 денари.

Струга има потреба и од еден советник за одобрување за градба во одделението за урбанизам, градби и просторно планирање со нето плата од 27.889 денари, советник за развој на комунални инфраструктура со нето плата од 27.889 денари, а има и потреба од еден извршител на позицијата помлад соработник за управување со отпад со нето плата од 21.989 денари. По еден извршител на позицијата помлад овластен инспектор за патен сообраќај и помлад соработник за персонална евиденција со нето плата од 21.989 денари.

Според податоците од огласот може да се увиде дека е напоменато дека согласно годишниот план на институцијата за 2021 година се предвидува вработување на пет Македонци, седум Албанци, и  еден Турчин.

Потоа, општина Старо Нагоричане има потреба од вработување на двајца државни службеници за позициите еден раководител на одделение за финансиски прашања со нето плата од 29.714 денари, како и еден виш референт – комунален редар со нето плата од 16.572 денари.

И општина Свети Николе вработува двајцата државни службеници на позициите самостоен инспектор за животна средина, а платата со која ќе биде платено ова лице изнесува 24.426 денари, и еден помлад референт за е-дозволи со нето плата од 13.898 денари.

Од еден државен службеник на позицијата советник инспектор, овластен градежен инспектор има потреба и општина Сарај, а за оваа позиција вработеното лице ќе биде платено од 26.700 денари.

Дури седум државни службеници ќе вработува и општина Ресен на позициите соработник за организирање и администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци, соработник за следење на постапки за јавни набавки, помошник раководител, референт – сообраќаен техничар, помлад соработник за следење и поддршка на туризмот, занаетчиството малото стопанство и прекугранична соработка, како и по еден извршител на позициите самостоен референт за спорт, самостоен референт за документирање на буџетско работење, а нето платите се во зависност од позицијата, односно најмалата изнесува 14.934 денари па се до 32.866 денари.

По примерот на Струга и Ресен, и општина Пробиштип вработува оглас за вработување на шест државни службеници, од советник – внатрешен ревизор, соработник за образование, помлад соработник за финансиски работи, самостоен референт – технички секретар, самостоен референт – архивар, референт – комунален редар. Нето платат со која ќе бидат платени овие лица е од 14.908 денари па до највисоката 26.278 денари.

Општините Охрид, Зрновци, Желино, Дојран за сега има потреба само од вработување по еден државен службеник. Па така локалните власти во Охрид вработуваат соработник за следење на локалниот економски развој со нето плата од 24.000 денари, потоа општина Зрновци вработува еден виш референт – архивар со нето плата од 15.671 денари.

Желино бара еден извршител на позицијата виш соработник за утврдување на такси и надоместоци со нето плата од 24.426 денари, додека пак референтот односно комуналниот редар кој ќе се вработи во Дојран ќе биде платен со нето плата од 14.909 денари.

Самостоен референт за јавни дејност, помлад соработник за комунални дејности, како и помлад инспектор за животна средина се вработуваат во општина Липково, а нето платата на првата позиција изнесува 16.495 денари, додека пак на другите две позиции изнесува 22.047 денари.

Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев пак има потреба од еден виш соработник за поддршка на неговите активности, а лицето кое ќе биде вработено на оваа позиција ќе зема нето плата од 23.105 денари. Oпштината има потреба и од еден самостоен референт за одржување на улично осветлување.

Општина Кавадарци има потреба од четири државни службеници на позициите советник за спроведување на урбанистички планови, соработник за заштита на животната средина, еден раководител на одделение за обуки и оценување, како и еден виш референт за услуги на граѓаните од областа на социјална и детска заштита, со нето плата од 15.700 денари до 29.694 денари.

Преку оглас за вработување и општина Велес вработува еден советник за нормативно – правни работи, помлад соработник администратор на ИС, како и еден самостоен референт за административна поддршка со нето плата од 16.474 денари, додека за првите две позиции нето плата изнесува 26.257 и 22.026 денари.

Општина Аеродром, ,пак преку два распишани огласи вработува двајца државни службеници и тоа еден помошник раководител на сектор за образование, култура, спорт и заштита со нето плата од 32.866 денари, како и еден извршител на позицијата помлад соработник за материјално книговодство со нето плата од 22.027 денари.

Но, не се само овие огласи за вработување на партиски кадри на владејачката СДСМ. За  потсетување, деновиве и неколку државни институции објавија огласи за вработување на државни и јавни службеници на раководни позиции.

Во услови кога Република Македонија се соочува со здравствена и економска криза, како и кога се зголемува бројот на отпуштени работници, локалните власти и централната власт забрзано ги полнат институциите преку масовни вработувања, што е сосема спротивно од она кое што го ветуваа во предизборниот период, но и во периодот кога беа опозиција па на големо ја критикуваа тогашната владата на ВРМО-ДПМНЕ.

Според познавачите, преку вработување во државната и јавна администрација е политички трик на власта а без сомнение може да се каже дека се очекува овие нововработени да бидат верни поддржувачи на владејачката партија и ќе прераснат во гласачко тело.

Коронавирус