сабота, 7. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Манчевски ја уценува администрацијата: Ако не испорачаме резултати за датум за преговори, нема покачување на платите во администрацијата

Манчевски ја уценува администрацијата: Ако не испорачаме резултати за датум за преговори, нема покачување на платите во администрацијата

Ако Македонија не испорача резултати за да добие датум за преговори со ЕУ во јуни, а клучен дел за тоа е реформата во јавната администрација, ќе се ревидира и одлуката за покачување на платите во септември, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на буџетот на МИОА за 2019 година, Манчевски потенцира дека вработувањето во администрацијата за висококвалификуваните стручни кадри веќе воопшто не е атрактивно, поради што, тие со нешто мора да се привлечат. Квалитетна администрација, дополни, не е потребна само за спроведување на скрининзите за ЕУ и НАТО, туку и за граѓаните да добиваат квалитетни услуги.

-Платите ќе ги зголемиме, но бараме резултати и тие се видливи, и ќе бидат видливи. Во јуни ќе имаме оценка на Европската комисија дали сме направиле напредок во реформа на администрацијата или не. Следствено на тоа, ќе има награда или други процеси, истакна Манчевски.

Според него, прерано е да се каже колку од вработените во јавната администрација ќе му бидат понудени на приватниот сектор. Тоа ќе се знае, рече, кон крајот на 2019 година, откако претходно ќе се регорганизираат и оптимизираат институциите. Процесот ќе биде јавен и транспарентен и во него ќе бидат вклучени и синдикатите и стопанските комори.

-Прерано е да се зборува за тоа. Не можам ништо да ви кажам сега. Ниту може да каже бизнис секторот. Ни тој не знае што точно му фали. Едно е да си кажеме вака, на прес-конференција и во лаф-муабети. Треба анализа, конкретни бројки, точно. Како што ние ќе излеземе со точни бројки и анализи, очекувам истото да го направи и бизнис секторот за процесот да успее. И самите тврдат дека им недостасува кадар. Ние ќе излеземе со конкретни податоци што може да се понуди, но прерано е сега да се зборува, нагласи министерот.

Повтори и дека со буџетот на МИОА за 2019 година не се предвидени пари за „рамковни“ вработувања, но правичната застапеност ќе се зема предвид. На прашањето уште колку лица седат дома и земаат плата, Манчевски упати на одговор од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

– Ваков интерес за оваа ситуација, порано немаше. Излегува дека сега има проблем што се решава проблемот. Многу поголема галама се крева сега, отколку претходно кога ситуацијата беше „статус кво“ и кога тие лица десет години земаа плата, а не одеа на работа и никој немаше проблем со тоа. Ќе ни дадете малку време, согласно закон да ги решиме проблемите, подвлече министерот Манчевски.