четврток, 16. септември 2021. Вести денес: 54
home Вести

МАН и Вучиќ: Новинарите се за Балканска асоцијација на новинари

МАН и Вучиќ: Новинарите се за Балканска асоцијација на новинари

Денес, на вториот ден од неговата посета на Скопје, на претседателот на Србија му беа врачени благодарници за помошта при вакцинирањето на граѓаните од Македонија против Ковид 19 – благодарница од Македонската асоцијација на новинари МАН и благодарница од Стопанската комора.

Благодарницата од Македонската асоцијација на новинари ја предаде претседателката Ивона Талевска, за хуманост и солидарност кон новинарите во борбата против Ковид 19, односно за вакцинацијата на медиумските работници во Србија.

Врачувајќи му ја благодарницата, Талевска напомена дека МАН силно ја поддржува регионалната соработка и иницира формирање на регионална, балканска асоцијација на новинарски здруженија.

– Со целосна поддршка, хуманост и солидарност на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Македонската асоцијација на новинари и Здружението на новинари на Србија, бевме првите што ја спроведовме најхуманата и најмасовната операција за спасување на животите на медиумските работници од обезбедување вакцини против Ковид 19.

Благодарение на претседателот на Србија, ја отворивме вратата за вакцинирање на над 10.000 луѓе во регионот од различни сектори.

Ова е само еден пример за успешна регионална соработка помеѓу Македонија и Србија во ова време, невреме на светска пандемија, кога само оние со силна волја и визија успеваат да излезат како победници.

Македонската асоцијација на новинари целосно ја поддржува силната регионална соработка, која денес треба да добие три нови придобивки за сите граѓани од регионот и ново име.

Затоа, ние од Македонската асоцијација на новинари предлагаме формирање регионална, Балканска асоцијација на новинарски здруженија.

Заедно да соработуваат новинари од С. Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, Бугарија… да разменуваат информации за статусот и проблемите на новинарите, да разменуваат искуства и заеднички да предлагаат решенија за медиумски реформи, борејќи се за правата на секој од нас и за побрзо постигнување на европските стандарди.

Не е ништо ново да се каже дека би биле посилни, со поголем потенцијал и искуство, ќе бидеме погласни и послободни и со тоа ќе придонесеме за побрзо членство на земјите од Западен Балкан во Европската унија, истакна Талевска на средбата со Вучиќ.

Претседателот на Србија рече дека е благодарен за наградата и додаде дека секој нормален човек ќе постапува исто како и Србија.

– За мене е голема чест, но ние постапивме нормално, како што би постапил секој нормален човек. Немаме што да бараме од македонските граѓани, не ни треба ништо друго освен пријателство и братство. За нас е важно само да имаме најблиски и најдобри врски. Она што го правиме е нешто што е важно, и ако успееме, ќе направиме големи работи за нашите земји – рече Вучиќ.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, му врачи на претседателот Вучиќ благодарница од Стопанската комора за помош при вакцинирање на бизнисмени, што беше организирано на крајот на март во Србија, а потоа и ревакцинација.

За мини Шенген

Обраќајќи им се на медиумите од Скопје, претседателот Вучиќ рече дека името на иницијативата за мини Шенген не е толку важно како нејзината содржина.

Тој најави три договори, кои подразбираат побрз проток на стоки помеѓу Србија, С. Македонија и Албанија, вториот е помош и поддршка во природни катастрофи, а третиот е укинување на работните дозволи и создавање единствен пазар на труд .

– Дека камионите што одат по Белград до Тирана можат слободно да поминат. Ние мора да покажеме дека им служиме само на нашите народи и на никој друг. Затоа сум многу среќен – рече Вучиќ.

– Ви благодарам многу за вашето пријателство, сигурен сум дека нашите односи ќе бидат уште подобри во иднина. Да живеат Србија и Северна Македонија – заврши Вучиќ.

Коронавирус