четврток, 29. октомври 2020. Вести денес: 166
home Вести

МАН бара државна заштита и даночно ослободување за новинарите

МАН бара државна заштита и даночно ослободување за новинарите

Новинарите, уредниците, снимателите и фоторепортерите и во вие времиња на вонредна состојба и епидемија на заразен корона вирус ја вршат својата работа која е од јавен интерес и од која јавноста ги добива сите релевантни информации од кои зависи општата состојба во државата како и личната судбина на граѓаните.

Новинарите се на работни задачи кои не можат ниту да ги одложат, ниту да ги работат од безбедна дистанца, исто како и лекарите, медицинскиот персонал, полицијата или војската. Без нивната работа не би постоеле информациите и спроведување на одлуките од витален интерес за оваа кризна, вонредна состојба.

Од тие причини Македонската асоцијација на новинари МАН бара од државата, во случајов од владата, да донесе во најскоро време одлука со која медиумите се ослободуваат од плаќање даноци и придонеси за своите вработени во време на заштитните мерки прогласени од почетокот на март па се до завршување на вонредната состојба.

Исто така владата да донесе одлука со која ќе врши субвенција, надомест на нето платите на новинарите, фоторепортерите, снимателите и нивната логистика во износ од 50% откако медиумите ќе бидат времено ослободени од обврската за плаќање на нивните даноци и придонеси.

Оваа мерка не е голем финансиски терет за државата, а ќе спречи откази за новинари, сниматели, фоторепортери и нивна логистика па и гаснење на медиуми кои во овој период се без приходи. Со рестрикција на новинарската работа ќе ги снема и информациите и ќе доминираат лажните вести, паниката меѓу населението и дезинформациите што е закана за јавниот живот и за последиците од епидемијата.

Одлуката да се однесува за сите медиуми кои се регистрирани како правни лица во: Агенција за медиуми, ММА, ИАБ Македонија, а со листата располага и ДИК.

Коронавирус