петок, 16. април 2021. Вести денес: 137
home Вести

Македонско-бугарската комисија го одржува 12. состанок: Гоце Делчев и учебниците дел од темите

Македонско-бугарската комисија го одржува 12. состанок: Гоце Делчев и учебниците дел од темите

Македонските и бугарските историчари од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија денеска во рамки на 12 состанок, втор ден ќе разговараат за отворените прашања.

И додека историчарите се обидуваат да најдат решенија за она што е во нивна надлежнот, политичарите на двете земји, според соопштенијата на двете министерства за надворешни работи по средбата Захариева-Османи завчера во Софија, работат на финализирање на заедничкиот Акциски план, но и се координираат за одржување на меѓувладината конференција, за која се уште нема конкретен датум.

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева вчера во интервју за бугарската телевизија БТВ потврди дека заедничкиот Акциски план, како и одржувањето на престојната меѓувладина конференција биле темите за кои завчера во Софија разговарала со нејзиниот македонски колега Бујар Османи.

Захариева вчера и со став и дека нема договор во однос на историјата, неколку клучни историски личности и за содржината на учебниците од периодот на Средниот век.

-Се надевам дека ќе постигнеме согласност во однос на протоколот за оценка за имплементација до моментов. На престојната седница треба да се одобри протоколот за отчетот на Комисијата. Тие денеска и утре пак ќе имаат состанок, рече вчера Захариева, според која до моментов нема некаков резултат.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак завчера по средбата на својот фејсбук-профил објави дека со Захариева разговарал за секторската соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија.

– На враќање од посетата на Париз, застанав во Софија и се сретнав со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, со која разговаравме за секторска соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од договор за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка, наведе Османи во објавата на Фејсбук.

Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски претходно во разговор за 360 степени изјави дека Акцискиот план е усогласен 99 отсто, што, како што рече, дава надеж меѓувладината конференција да се одржи во следните неколку седмици.

Тој посочи дека меѓувладината конференција ќе биде многу важна во подготовката за создавање поповолна атмосфера пред разговорите за кои, како што рече, посакуваме да се случат во мај или јуни, по промовирањето на новата бугарска влада.

А, Записникот од десеттата средба, учебниците за седмо одделение кај нас, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев се меѓу темите на дискусија на онлајн состанокот на македонските и бугарските историчари, чиј домаќин формално овој пат е Македонија.

Комисијата претходно се состана на 22 јануари, но само заради усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба. Тогаш беше усогласена содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба биле надминати неколку прашања поврзани со содржината.

Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 3 и 4 декември минатата година, а теми на разговор беа содржините во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот периоди и образовни прашања. Како што информираа копретседателите по завршувањето на тој состанок, Драги Ѓорѓиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска, на 11. состанок многу малку било разговарано за Гоце Делчев и немало никакво поместување во однос на дебатата за заедничко чествување на неговиот лик и дело.

Двајцата копретседатели потврдија дека имаат различни начини на гледање кон интерпретацијата на минатото кон средниот век, како и за Цар Самоил. Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци.

Коронавирус