среда, 21. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Македонските спасувачи во Албанија повеќе од 72 часа покажаа пожртвуваност и хуманост на дело

Македонските спасувачи во Албанија повеќе од 72 часа покажаа пожртвуваност и хуманост на дело

Тимовите за спасување кои беа испратени да помогнат во Албанија по разорниот земјотрес од 6,4 степени се вратија во земјава. Повеќе од 72 часа работеа на комплексни задачи за да им помогнат на локалните власти во спасување на преживеаните од земјотресот и расчистување на теренот. За покажаната хуманост, пожртвуваност и професионалност беа одликувани од страна на нашата Влада.

Како соседна земја, Македонија испрати тим координиран од Дирекцијата за заштита и спасување составен од 35 припадници на републичките сили за заштита и спасување, двајца припадници на Министерството за внатрешни работи заедно со кучето трагач Клеа и четворица припадници на Црвениот крст како логистичка поддршка. Од Град Скопје, како град на солидарноста, беше испратена дополнителна екипа составена од пожарникари и двајца експерти опремени со дронови со термални камери.

Кон Албанија биле испратени 12 возила меѓу кои и амбулантно возило и камион со хуманитарна помош. Тимот на ДЗС беше опремен со специјализирана опрема за детектирање и извлекување затрупани луѓе, како што се повеќе типови и видови пили, секири, планинарска опрема, ленти за дигање товар, јажиња за спасување, сонди, геофони, медицинска опрема…

Тимовите беа лоцирани во Драч, каде што работеа во исклучителни околности со цел да им помогнат на настраданите, но, за жал, не успеаја да извлечат преживеани под урнатините. Тимот од ДЗС пронајде починато машко лице во урната зграда, а тимот од Град Скопје не успеа да извлече живи две близначиња на возраст од две години, едно девојче, жена и едно постаро лице инвалид од под урнатините на една куќа.

– Веднаш по нивното пристигнување, тимот ја доби првата задача – претрага на лица во урната зграда. По извршената проценка и лоцирање под урнатините со пробивање е извадено телото на веќе починато машко лице. Телото им е предадено на локалните власти – вели во изјава за МИА директорот на ДЗС Аднан Џафероски.
Тој е задоволен од професионалноста што на терен ја покажаа републичките сили за заштита и спасување, а се надева дека и државата е горда на стручноста и пожртвуваноста што ја покажаа нашите тимови.

– Во изминатите две години тимовите за брз одговор вклучувајќи ги и Републичките сили беа реформирани и реорганизирани и во контиунирана редовна обука за ваков тип несреќи. Јас лично како прв човек на Дирекцијата за заштита и спасување сум задоволен од покажаниот успех на членовите на Републичките сили за заштита и спасување во Република Албанија, а верувам дека и нашето општество се гордее со нивниот ангажман – вели Џафероски.

Потрагата и спасувачките операции по преживеаните од земјотресот што ја погоди Албанија официјално беа завршени на 30 ноември.

Благодарност за помошта и пожртвуваноста испрати лично и албанскиот премиер Еди Рама.

– Не можам да најдам зборови за да искажам колку ни значеше таа поддршка… Беше брилијантно како реагираа Вучиќ и Заев… да не ги споменувам нашите браќа од Косово. Брилијантно – рече неодамна Рама, кој се заблагодари и за пораките за поддршка од Унгарија и Романија, потсетувајќи дека романскиот тим за спасување дошол во Албанија самоиницијативно.
Во земјотресот во Албанија, според последните податоци, загинаа 51 лице, а повеќе од 900 се повредени. Последните бројки со кои располага албанската Влада се дека 5.497 домови се тешко оштетени, а 3.135 граѓани се евакуирани. Оштетени се и 12 здравствени центри и простории за итни случаи во Круја, Драч, Лач и Тирана.

Рано утрото на 26 ноември во 3:55 часот Албанија ја погоди земјотрес со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала. Оттогаш се регистрирани над 1.300 помали потреси. По земјотресот во Албанија почна да пристигнува хуманитарна помош од соседните држави и повеќе земји од Европа. Покрај тимови за спасување, беа испратени и екипи составени од сеизмолози, кои треба да им помогнат на албанските колеги во увидот кои објекти се безбедни, а кои не.

Земјотресот во Албанија е само еден во низата примери дека природните катастрофи ги обединуваат луѓето. Тогаш не е важно кој си и што си, најважно е да се спаси човечки живот.

Коронавирус