сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 11
home Вести

Македонскиот јазик е огниште на образованието и идентитетот

Македонскиот јазик е огниште на образованието и идентитетот

Колумна на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература:

Да се пишува на македонски и за македонскиот јазик значи да се води битка и да се војува. Македонскиот јазик е носечкиот столб на македонското постоење и идентификација низ времето. Во годината 2021 која е прогласена година во чест на Блаже Конески македонскиот јазик и македонската книжевност треба сè повеќе да се афирмираат, а не да им се задаваат удари затоа што тие се последениот браник на македонскиот идентитет. Политичко-образовниот контекст во Република Македонија што се случува изминатиов период преку зачестени секојдневни напади на македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот идентитет не треба да биде над науката и научните факти.

Но за жал резултатите од последните штетни договори, закони и реформи се погубни за македонскиот јазик. Одговорност за грижата за македонскиот јазик имаат семејството, образованието, религијата, културата и воопшто државата. Како браник на македонистиката се институциите задолжени за тоа. Сите да застанат во одбрана на јазикот! МАНУ и Одделот за лингвистика при МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како најстари катедри на УКИМ се од особено значење, тие се огништето на македонското образование.

Тие секогаш треба: не да тлеат, туку да греат, и никогаш да не стивнат и згаснат!

Од една страна постојано се залагаме за почитување на македонскиот јазик, а од друга страна ја имаме негрижата и неафирмацијата на македонскиот јазик.

На кој начин имаме унапредување на позицијата на македонскиот јазик во домашните научни инсититуции?

Зарем треба поголем удар од негрижата и затворањето на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети и негрижата за подмладокот од областа на македонистиката?

Апсурдно е немањето материјална поддршка за вработување на научен подмладок во универзитетите и институтите што се занимаваат со македонскиот јазик.

Воопшто не се води никаква грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во институциите. Не постои Одбор за стандардизација и грижа за македонскиот јазик. Грижата за македонскиот јазик од надлежните институции ќе се докаже тогаш кога ќе се отворат нови, ќе се заживеат и ќе се помогнат постоечките лекторати по македонски јазик на странските универзитети.

Со фанфари се најавуваа Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство и Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Република Македонија, но за жал ни трага, ни глас од нив.

Македонистиката требаше да добие два фонда, еден Фонд за поддршка на издавачката дејност на нови и повторно издавање на научните дела посветени на македонскиот јазик од сите области, а друг Фонд за стипендирање на студирањето на македонски јазик на универзитетите во Република Македонија.

Како генерација во овој момент ја имаме најодговорната улога да го заштитиме македонскиот јазик од сите напади, а на новите генерации имаме обврска да им ја претставиме основата на македонскиот јазик.

Македонскиот јазик е огниште на образованието и идентитетот. Не ги мешајте политиката и науката! Тргнете ги рацете од македонистиката!

Коронавирус