среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 149
home Вести

Македонски пожарникари во битка за живот на шестчлено семејство во Драч, меѓу кои и 2-годишни близначиња

Македонски пожарникари во битка за живот на шестчлено семејство во Драч, меѓу кои и 2-годишни близначиња

Екипата македонски пожарникари вчера во Драч се обидуваа да извлечат шестчлено семејство од под урнатините на една зграда на четири ката лоцирана во близина на градскиот стадион. Командирот на Противпожарната единица Владимир Симоновски, кој ја предводи пожарникарската единица, во акцијата за помош на настраданите од катастрофалниот земјотрес, во телефонскиот разговор истакна дека не се штедат во напорите да го расчистат непристапниот терен, со една мисла – дека под урнатините сè уште има живи, пренесува Вечер.

-Работиме на терен, кој е означен како црна точка во градот. Ни рекоа дека овде сме најпотребни и заедно со нашите колеги од Италија од изутрина со помош на механизација се обидуваме да ги отстраниме урнатините под кои, според информациите, има најмалку шест лица, претпоставуваме семејство од кои две близначиња на околу две години, едно малку поголемо дете, двајца возрасни и еден стар човек, за кој се претпоставува дека е инвалид. Теренот е непристапен, паднати се плочи врз плочи, бетонските блокови се тешки за отстранување па затоа се обидуваме и со машини да ги поместиме. Утринава вклучивме и кучиња трагачи кои требаше да ни помогнат за лоцирање на евентуалните настрадани, но, и тие од пола пат се враќаа назад. Според она што го гледаме, веројатноста да извлечеме живи тела е минимална, но, не се обесхрабруваме, остануваме на задачата, изјави вчера за весникот „Вечер“ командантот на пожарникарите.

Во телефонскиот разговор со Симоновски, ни раскажа дека состојбата во градот е траорна, на сите страни се гледаат урнатини, голем број спасувачи се ангажирани на извлекување на жртвите, а не е мал бројот и на жителите кои панично се обидуваат да си пронајдат некој од роднините за кои се смета дека се исчезнати.

-Тажна е атмосферата насекаде околу нас. Жителите се избезумени, секој е погоден на свој начин, останати без покрив над глава, некој без најмилите…Во вторникот, веднаш по пристигнувањето на нашата екипа во Драч, бевме сведоци на извлекување на 24-годишна девојка од под урнатините на хотелот „Плажа“. Беше повредена, но жива. Се надеваме дека и ние ќе успееме да го извлечеме семејството, изјави Симоновски за весникот „Вечер“. Тој потврди дека екипата која има и термални дронови останува во Драч.

Тимовите за пребарување и спасување од Струмица со самото пристигнување во вторникот биле упатени на локација на урната петкатница. Тие на социјалните мрежи информираа: „со употреба на специјални алатки отвориле пристап до локацијата каде што имаше сознанија дека има жртви. После три часа, за жал беше извадено безживотно тело на возрасен маж.“

Вчера, Советот на Град Скопје одвои 50 илјади евра помош за настраданите во Албанија. Од Владата соопштуваа дека тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување се во Албанија.

Како што информираа вчера од владината прес-служба, покрај тимовите, ДЗС упати и специјализирана техничка опрема, амбулантно возило, медицинска и техничка опрема, како и најсовремена механизација која се користи за да се дојде до евентуалните преживеани. На терен се и припадници на МВР со куче спасувач специјално тренирано за пронаоѓање преживеани под урнатините.

Досега тимовите лоцираа и извадија од урнатините две починати лица на две локации во урнати згради.

Владата уште во вторникот одвои 100 илјади евра помош за Албанија. Помош пратија и од Црвениот крст и неколку општини.

Бројот на жртви од разорниот земјотрес во Албанија, вчера се искачи на 29 со смртта на 25-годишниот Самир, кој вчера подлегна на повредите здобиени во земјотресот и пронаоѓањето на телото на неговиот татко во урнатините. Бројот на исчезнатите е сè уште непознат, а рано изутрина продолжи пребарувањето.

Влада на Албанија прогласи вонредна состојба на подрачјето на Драч и Тирана, области кои беа најмногу погодени од разорниот земјотрес. Премиерот Еди Рама рече дека вонредната ситуација е прогласена согласно Уставот и законите, што, како што рече, не подразбира само одлуки по прашањето на финансии туку и низа други мерки.

По вчерашниот силен земјотрес што ја погоди Албанија, до вчера, до затворањето на весникот, се регистрирани 524 земјотреси во областа, според одделот за сеизмологија при Институтот за наука во Тирана.

Четири регистрирани земјотреси имаа јачина поголема од 4,5 степени по Рихтеровата скала, вклучувајќи го и оној со разурнувачка јачина од 6,3 степени, евидентиран завчера во 3:55 часот. Во меѓувреме, дури седум потреси биле со интензитет од 4 до 4,5 степени, околу 17 меѓу 3,5 и 3,9 степени, додека другите биле послаби. Најновиот земјотрес беше вчераутро со јачина од 3,4 степени, со епицентарот во Јадранско Море, пренесува АТА.