среда, 30. септември 2020. Вести денес: 23
home Вести

Македонски дипломатски синдикат: Очекуваме Димитров да ги стопира огласите за дипломати

Македонски дипломатски синдикат: Очекуваме Димитров да ги стопира огласите за дипломати

Македонскиот дипломатски синдикат изразува сериозна загриженост поради вчерашното објавување на 21 интерен оглас за упатување дипломати во дипломатско – конзуларните претставништва.

Од Синдикатот велат дека имајќи предвид дека на минатомесечната лидерска средба во организација на претседателот Стево Пендаровски, најголемите политички партии договорија датум за предвремени парламентарни избори, несомнен е фактот дека овој масовен конкурс се распишува во крајно сензибилен период, со што се отвора простор за политичка злоупотреба на редовниот циклус на ротација во ДКП-ата.

-Со оглед на законски предвидената должина на целокупната процедура за упатување дипломати во странство, сосема извесно е дека постапките длабоко ќе навлезат во транзитните 100 дена на таканаречената “Пржинска Влада”, што дополнително ќе го компромитира комплетниот процес на донесување одлуки. Оттаму, оправдани се стравувањата и сомнежите на вработените во МНР дека се можни силни политички влијанија во изборот на кандидатите и партиски “клуч” при кадровските решенија во облик на подобни имиња во стратешките центри како Вашингтон и Берлин, амбаасадите во Хаг и Атина, како и мисиите при Европската Унија, НАТО и Обединетите Нации. Зачудени сме што министерот Димитров се реши на ваков чин во предвечерието на формирањето техничка влада, доколку се потсетиме на неговиот потег од јуни 2017 година со кој најпрво суспендираше, а потоа и поништи 19 законски одлуки за редовно пополнување на испразнети позиции во ДКП-ата, токму и само поради тоа што беа донесени за време на тогашната техничка влада, се наведува во соопштението од Македонскиот дипломатски синдикат.

Оттаму изразија очекување Димитров самиот да побара стопирање на огласите, односно нивно замрзнување до завршувањето на изборите, за да се избегнат спорни политички маневри и непотребно фрлање дамка врз изборот на дипломати.

Коронавирус