сабота, 10. април 2021. Вести денес: 72
home Вести

МАКЕДОНИЈА: Над 100.000 заболени од коронавирус, почина 3.098 лица – граѓаните се уште чекаат вакцини

МАКЕДОНИЈА: Над 100.000 заболени од коронавирус, почина 3.098 лица – граѓаните се уште чекаат вакцини

Во земјава вчера од Србија пристигна втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“, со кои се спроведува имунизацијата на здравствените работници. До вчера се вакцинирани околу 1500 здравствени работници. Во наредниве денови се очекува пристигнување и на 200.000 кинески вакцини, во март 20-30.000 вакцини преку КОВАКС механизмот и поголема доза од „Фајзер“, а Владата го доби и предлог договорот за набавка на 100.000 вакцини од Русија. Бројот на инфицирани со Ковид-19 во земјава  надмина 100.000.

Со донираните вакцини Македонија ја започна имунизацијата. Министерот Венко Филипче нагласи дека од здравствените работници досега се вакцинирани околу 1500 со динамика од 250 – 300 на ден, која ќе продолжи и понатаму.

Владата вчера го добила драфт договорот за набавка на најавените 100.000 вакцини од Русија. Министерот Филипче информира дека сè уште траат преговорите со „Фајзер“, од каде што се очекува поголема пратка вакцини.

Додека тече набавката на вакцини, бројот на новозаразени кај нас почна да се зголемува. Министерот Филипче вчера изјави дека во овој момент се прави анализа на една серија во лабораторијата во МАНУ, од која резултатите се очекуваат следната недела, која треба да даде одговор и на зголемениот број случаи на ковид инфекции во последните неколку дена. Тој рече дека бројот на новозаразени најверојатно се должи на појавата на британскиот сој кај нас, непочитување на зашитните мерки и поголемата раздвиженост на граѓаните поради убавото време.

И покрај зголемениот број на инфицирани, Филипче рече дека сега засега нема да има дополнителни мерки, но и тоа не е исклучено.

Зголемување на бројот на инфицирани со коронавирусот покажаа и вчерашните резултати од тестирањата. Од направени 3.342 тестирања вчера беа регистрирани 725 нови случаи, починати 13 лица, а регистрирани 215 оздравени пациенти.

Најмногу активни има во Скопје-3153, Прилеп – 551, Кавадарци – 508, Охрид активни 434, Тетово – 259, Велес – 235, Куманово – 222. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Досега во земјата се направени вкупно 509.720 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 100.632, бројката на оздравени пациенти е 90.311, на починати е 3.098, а бројот на активни случаи изнесува 7.223.

Во светот досега се регистрирани 113 милиони инфицирани со САРС-КоВ-2, починати 2,5 милиони и оздравени 88,5 милиони.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во периодот од 15 до 21 февруари смртноста во светот од Ковид-19 е намалена за 20 отсто во однос на претходниот еднонеделен просек. Тенденцијата на намалување на смртноста трае веќе шест недели по ред, се наведува во редовниот неделен извештај на СЗО

Коронавирус