вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 160
home Вести

Македонија на 57 место според индексот за владеење на правото

Македонија на 57 место според индексот за владеење на правото

Во светот е забележан општ пад на владеењето на правото, особено на основните човекови права, покажа најновото истражување на Светскиот проект на правдата.

Според индексот за владеење на правото, на листата од 113 држави од целиот свет, Македонија го зазема 57 место. Најлошо рангирана држава во регионот е Србија, која се најде на 76 место, што е пад за две места во однос на претходното истражување.

Најдобро оценета од балканските земји е Словенија, која ја зазема 26 позиција, потоа Романија на 29 место и Хрватска на 35. Во однос на владеењето на правото, слична е состојбата и во Бугарија (55), Босна и Херцеговина (56), додека Албанија е на 68 место. Црна Гора и Косово не се опфатени со истражувањето.

Глобално, на првото место по индексот на владеењето на правото е Данска, а зад неа се Норвешка, Финска и Шведска, благодарение на правосудните системи кои се борат ефикасно против беззаконието и неправдата. Сите четири држави, како и Холандија, имаат оценка поголема од 0,85.

На дното на листата е Венецуела, каде што постои тренд на целосно урнисување на владеењето на правото, покрај хипер-инфлацијата, корумпираното судство, насилниот затворски систем, и каде секој ден се убиваат од 56 до 73 лица. Пред неа се Камбоџа и Авганистан.

Германија е на шестото место, Велика Британија на 11, Франција на 18, САД на 19, Кина на 75, Русија на 89, а Турција на 101.

Романија со релативно добра оценка 0,65 се најде 29 место, и покрај реформите во правосудство за кои граѓанските активисти тврдат дека ќе се урниса владеењето на правото во земјата, и ќе се поништи досегашниот напредок во сузбивање на корупцијата.

Меѓу земјите од источна Европа, состојбата на владеењето на правото најмногу е загрозена во Полска, каде е забележан опаѓачки тренд во категоријата на ограничување на овластувањата на властите, отвореност на државните институции, основните права и кривичното право.

Најмногу пад во однос на мината година е забележан во Филипини, за 18 места, поради владеењето на насилата кампања против наркотици.

Индексот на владеење на правото, во однос на минатата година, паднал во 38 држави.

Од објавувањето на претходниот индекс на владеење на правото во октомври 2016, повеќето држави се оценети полошо во областа на човековите права, ограничување на овластувањата на властите и граѓанската и кривичната правда, се наведува во извештајот.

Најголем пад е забележан во категоријата основни права, во рамките на која се мери дискриминацијата, правото на живот и безбедност, слободата на изразување и верските слободи.

Најнови вести

Коронавирус