петок, 25. септември 2020. Вести денес: 181
home Вести

Македонија меѓу земјите со најштетни последици од загадувањето врз здравјето на граѓаните

Македонија меѓу земјите со најштетни последици од загадувањето врз здравјето на граѓаните

Последниот извештај на Европската агенција за животна средина, ЕЕА, покажува дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето, а Македонија и другите земји од регионот конзистентно покажуваат лоши резултати во анализите за последиците од загадувањето врз здравјето на граѓаните, јави дописничката на МИА од Брисел.

Албанија и Босна и Херцеговина бележат најлоши резултати во делот на смртни случаи поради животната средина и се на дното на скалата од вкупно 37 рангирани земји. Албанија е на последно место, со 172 смртни случаи на 100 илјади лица. Македонија е осма од дното на скалата со 120 смртни случаи на 100 илјади.

Полошо од нашата земја се рангираат БиХ, Романија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора и Летонија. Со рангирањето се опфатени 37 земји, 28 од Европската Унија, пет земји од Западен Балкан без Косово за кое агенцијата нема податоци и четири земји од Европската економска област (EEA).

Бројките на Агенцијата покажуваат дека квалитетот на животната средина помеѓу Источна и Западна Европа е драстично различна, па така во Исланд, кој е на врвот на скалата, прерани смртни случаи поради состојбата со животна средина изнесуваат 35 на 100 илјади. Шведска, Норвешка и Швајцарија исто така се рангираат меѓу најдобрите.

Во извештајот се пресметани сите еколошки фактори: загаденост на воздухот, почвата и водата со хемиски и биолошки агенси, но и звучното загадување и електромагнетските полиња, влошување на екосистемите, ултравиолетови и јонски радијации, ризиците поврзани со работното место, земјоделските методи, како и личниот однос кон животната средина и хигиената, како што е миењето раце и прехранбени производи.

Според анализата на Агенцијата, во Европа 90 отсто од смртните случаи поврзани за животната средина се незаразни болести како ракот, кардиоваскуларни болести, ментални и невролошки пореметувања, или пак астма.

Штетната животна средина во Европа, од воздушно и звучно загадување, со климатските промени и употребата на опасни хемикалии придонесуваат за секоја осма смрт, односно тринаесет отсто, според Агенцијата.

Во контекст на пандемијата со Ковид-19 станува итно за Европската Унија да преземе конкретни чекори, со оглед на тоа дека огромен дел од опасноста врз животната средина доаѓа од човечката активност.

-Ковид-19 е уште еден потсетник кој силно нѐ освестува за односот помеѓу нашите екосистеми и нашето здравје и потребата да се соочиме со фактите, начинот на кој живееме, консумираме и произведуваме е штетен за климата и негативно се одразува врз нашето здравје, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, по објавувањето на извештајот.

Еврокомесарот за животна средина, Врихиниус Синкевичиус, се осврна и на штетните последици врз најранливите групи во населението.

-Секој мора да разбере дека со грижа за нашата планета не само што ги спасуваме нашите екосистеми, туку и живот, посебно оние на најранливите, рече комесарот, со оглед дека овие лица се и најпогодени.

Аерозагадувањето е најголемата закана за здравјето на Европејците, со 400 илјади предвремени смрти, на второ место е звучното загадување. Јасно е дека источна Европа е посебно погодена од загадувањето, а Босна и Херцеговина има највисока стапка на смрт поради загадување – 27 отсто, наспроти девет отсто во Исланд и Норвешка.

Најсиромашните слоеви на населението се најпогодени и носат троен товар – сиромаштија, лоша животна околина и слабо здравје.

Извештајот препорачува поинтегриран пристап помеѓу политиките за животна средина и здравствените политики, со посебна заштита на најранливите групи и размножување на зелени решенија посебно во урбаните средини: повеќе паркови, места за релаксација, за физичка активност и социјална интеграција. (МИА)

Коронавирус