понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 105
home Вести

Македонија и официјално во кризна состојба: Што значи тоа

Македонија и официјално во кризна состојба: Што значи тоа

Периодот за постоење кризна состојба е во траење од 30 дена, почнувајќи од денеска и за оваа одлука Владата ќе ги извести Собранието и претседателот на државата, од кого ќе побара да вклучи во процесот и дел од Армијата. Од денеска, Македонија е во кризна состојба, која ќе трае во наредните 30 дена.

На вечерашната седница, Владата ја официјализира одлуката за постоење кризна состојба на територијата на Македонија, заради, како што се наведува, заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија, прогласена од Светската здравствена организација, од ковид-19 и заради спречување на негово ширење во зголемен обем, со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.

Одлуката за воведување кризна состојба е предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на групата за процена. Претходно, Советот за безбедност, на вчерашната седница, препорача прогласување кризна состојба на целата територија надржавата, со цел ефикасно справување со последиците од корона-кризата.

Периодот за постоење кризна состојба на територија на Македонија е во траење од 30 дена почнувајќи од денеска и за оваа одлука Владата ќе ги извести Собранието и претседателот на државата.

Истовремено, Владата ќе му предложи на претседателот на Македонија и врховен командант да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба.

Владата заклучи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да почне со подготовка на акциски план за превенција и справување со ширењето на ковид-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

Владата донесе заклучок и министерствата за внатрешни работи, за одбрана, за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба, стои во соопштението од владината седница.

Кризна состојба се прогласува при ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.

Според Законот за управување со кризи, кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. С

Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи. Законот ѝ овозможува на Владата да носи oдлуки за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба.

Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата. Во кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

Законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата, во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување.

Предлог до Владата за потребата за учество на дел од Армијата, согласно со Стратегискиот одбранбен преглед дава Управувачкиот комитет. Претседателот во секое време може да ја преоцени потребата од учество на делот од Армијата. Начинот на учество на дел од Армијата во кризна состојба се уредува со пропис кој го донесува претседателот.

Врховниот командант на вооружените сили, претседателот Стево Пендаровски, пред две недели, кога не беше прогласена кризна, состојба, ѝ нареди на Армијата да ангажира дел од силите и средствата како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот.

Оваа кризна состојба е прва до сега која е прогласена на целата територијата на држава. Претходно, претседателот Пендаровски, од март до јуни, донесе одлуки за пет вонредни состојби.

Коронавирус