среда, 23. јуни 2021. Вести денес: 135
home Вести

Македонија денеска ќе потпише договор за кинеските вакцини, се уште не се знае кога ќе пристигнат

Македонија денеска ќе потпише договор за кинеските вакцини, се уште не се знае кога ќе пристигнат

Договорот за набавка на 200 илјади вакцини за Ковид-19 од Кина треба да се потпише во текот на денешниов ден и се очекува по потпишувањето за најкраток временски рок тие да стигнат во земјава, иако засега нема подетални информации кога би пристигнале.

Со пристигнувањето на кинеските вакцини ќе започне и процесот на имунизација, преку кој ќе бидат опфатени 100 илјади граѓани. Веќе е адаптиран и националниот план за имунизација. Вакцинацијата ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови.

На дневно ниво се очекува да се вакцинираат од две илјади до 2 500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора што треба да се прими после 21 ден.

Покрај кинеските вакцини земјава обезбеди 800 илјади вакцини од КОВАКС системот и за исто толку се разговара и со компанијата „Фајзер“. Според министерот за здравство Венко Филипче првата количина вакцини е сосем доволна за еден процес на вакцинација што ќе трае четири до шест, седум недели.

Согласно планот први се вакцинираат сите лица од најризичната група, која е поделена на две групи – во првата се здравствените работници кои работат во Ковид центри со ковид пацинети, во втората се сите граѓани над 70 години.

Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик, здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите и другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, критична инфраструктура и новинарите, вработени во образовните институции и градинки.

Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, останати вработени во образование во здравство со низок ризик на зараза, лица кои што не можат да одржуваат физичка дистанца и на крајот сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.

Оваа недела ќе биде објавена веб-страната што ќе биде од информативна природа и ќе го содржи делот за пријава, односно за изразување на интерес за вакцинација. Кога веб-страната ќе биде достапна, пријавувањата можат да започнат веднаш. Пријавувањето ќе се одвива со внесување на личните податоци, граѓаните ќе се идентификуваат и ќе добијат одоговор на електронската пошта што ќе ја остават дека е примена нивната пријава и можат да очекуваат повик од матичен лекар за терминот кога ќе биде закажана вакцинацијата, соодветно групата во која спаѓаат, дефинирана во Националниот план.

Од 1.846 тестирања вчера беа регистрирани 199 нови случаи на Ковид-19. Починаа осум пациенти, сите над 60 години. Институтот за јавно здравје регистрираше 264 оздравени пациенти.

Во ковид-центрите во главниот град, во моментов се лекуваат вкупно 263 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Министерството за здравство вчера оцени дека бројот на приеми изминатите денови е стабилен и до вчера наутро имало 93 слободни места.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 594 и има околу 520 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во штипската Клиничка болница од 450 вработени, над една третина се пријавиле веднаш да се вакцинираат против коронавирусот. Според податоците од Клиничка болница, на анкетите 126 вработени побарале веднаш да ја примат вакцината, додека останатиот перосонал се пријавил за во наредните фази.

ЕУРО 2020

Македонија