петок, 13. декември 2019. Вести денес: 127
home Вести

Македонија „Блеска“ на листата на најзагадени држави во светот- вечерва рекордна загаденост во Ѓорче Петров и Карпош (ФОТО)

Македонија „Блеска“ на листата на најзагадени држави во светот- вечерва рекордна загаденост во Ѓорче Петров и Карпош (ФОТО)

Македонија веќе со денови не се спушта од листата на најзагадени држави во светот.

Откако овие денови бевме на врвот во моментов Македонија се наоѓа на 11-то место според светската страница за мерење на квалитетот на воздухот „АирВизуал“.

 

Скопје вечерва е рангирано на листата со 156 ПМ 10 честички на метар кубен, додека рекордот од скопските населби го држи Карпош со 188 микрограми ПМ 10 честички на метар кубен, а веднаш зад него е Ѓорче Петров со 204 ПМ 10 честички на метар кубен, потоа следуваат Ректорат, Миладиновци, како и неколку градови од земјава.

 

Доказ дека вечерва не се диши во Ѓорче Петров се бурните реакции на граѓаните на социјалните мрежи.

– Дечки, не се дише во Ѓорче Петров. Сериозно. Смрди на хемикалии, гума, пластика и стварно е ужасно. Верувајте дека две минути се потребни да останете надвор од домовите за да се вратите дома со неопислива главоболка и одвратно чувство во грлото. Немам намера да вмешувам политика и навистина нема потреба од тоа да се меша политика кога се однесува буквално на сите нас, ама вака не се издржува. Здравјето на сите нас е ставено под знак прашалник и тоа не знае за партија и политика. Најдобронамерно апелирам до градоначалниците на Ѓорче Петров и на Град Скопје, до Министерството за животна средина, инспекторати, кој и да е, луѓе вршете си ја работата. Најмалку што очекуваме е да кажете од што е ова и што преземате во врска со тоа. Ниту затоплувањето на домовите, ниту автомобилите не се изговор за овој хорор.
Дали сфаќате дека умираме?
На страна сите шеги, трет најзагаден град сме во светот.
Како млад човек ве замолувам за навремена и брза реакција за ова што се случува. Да се најде жариштето на овој огромен проблем и истиот да престане!
Дали е фер во 21-ви век да умреме од канцерогени честички предизвикани од фактор човек?, стои во статусот на револтираниот жител на Ѓорче Петров.

Во друг статус жителите пишуваат дека за жал смрдеата и нечистотиот воздух ги затворила дома граѓаните на оваа општина.

 

Инаку денеска О2 иницијативата напиша отворено писмо до Пендаровски и Заев во кое бараат Припадници на Армијата и Полицијата да се вклучат во активности за заштита на правата на граѓаните загарантирани со Устав

Има ли пилот во авионот?, прашуваат од О2 иницијативата за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна средина, кои денес  заедно со други граѓански организации и иницијативи, испратија писмо до претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев.

-Секојдневно пожари, од сметилиша, депонии, шуми, дишеме отров. Ни гори драгоцена шума, национални паркови во пламен. Имаме ли ние институции што треба да се грижат за нашата безбедност и здравје? Според она што се случува на терен изгледа немаме или мислат дека ситуацијата не е доволно алармантна? Колку и да се трудат Инспекторатите да излезат на терен, отсуството од координирани акции со МВР, допринесува да нема никаков ефект, граѓаните се уморни од постојано пријавување без ефект, пожарникарите и самите знаат како успеават да постигнат, инспекторите оние малку што се на терен ја ризикуваат својата безбедност, стои во објавата на Фејсбук и се додава:

„Денес испраќаме отворено писмо до Претседател на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски, до Претседател на Влада на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев. Бараме припадници на Армијата и Полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во активности за заштита на нашите права загарантирани со Устав“.

Инаку како и минатата година власта предводена од СДСМ и оваа година зимата ќе ја преспие во длабок сон останувајќи глува на барањата на граѓаните за почист воздух кој го ветуваа пред се градоначалникот Петре Шилегов, поединечно сите градоначалници како и премиерот Зоран Заев.