четврток, 29. октомври 2020. Вести денес: 155
home Вести

Македонец сведочи за смртоносната експлозија во Бејрут: Доколку ги остварев моите планови ќе бев на еден километар од катастрофата

Македонец сведочи за смртоносната експлозија во Бејрут: Доколку ги остварев моите планови ќе бев на еден километар од катастрофата

„Ова не е прва експлозија што сум ја доживеал, но секако беше најсилниот удар“, раскажува Душко Ристовски, Македонец кој 10 години живее и работи во Бејрут. Среќа што доцнев, тоа ме спаси.

Неофицијално во Бејрут живеат двајца Македонци, а Душко Ристовски е еден од нив. Ристовски има 35 години и во Бејрут заминал пред десет години. Таму оформил семејство и работи во невладиниот сектор, преку кој им помага на палестинските бегалци.

Голем страв за себе и за своето семејство проследен со инстинкт за преживување биле првите чувства со кои се соочил Душко Ристовски, во првите моменти од експлозијата на пристаништето која во вторникот го потресе целиот свет, а во која загинаа најмалку 135 лица. Повредени се околу 5.000 лица, а најмалку 300.000 останаа без покрив над главата. За среќа, семејството Ристовски  не се меѓу повредените.

Како се одвивала целата драма, Ристовски, кој живее на само два километра од местото каде што се случила експлозијата, емотивно ја пренесе за Факултети.мк. „Беше 18 часот и 15-ина минути. Се подготвував да излезам. Одеднаш се слушна силен звук и тресење на зградата, слично на земјотрес. Ги зедов децата и ги одвлеков да застанеме под вратата, каде што сметав дека е најбезбедно. Во тој момент само силно ги гушнав. Не знаев што друго да направам. За десетина секунди повторно се слушна силен звук и тресење, можеби петпати појако од претходното. Тогаш почнаа да пукаат сите прозорци од станот. Насекаде имаше стакло. Замислете, пукнаа и прозорците низ кои имаше метална мрежа. Тогаш сфатив дека не е земјотрес “, вели Ристовски.

Во тој момент најважно му било да излезе од станот и да замине со своите деца што подалеку, мислејќи дека на отворено ќе бидат побезбедни.

„Надвор беше хаос. На сите страни на улиците имаше стакло. Немаше прозорец од зградите што не беше искршен. Многу автомобили беа уништени. Се слушаа пискотници. Исплашени погледи насекаде. Луѓето беа растрчани и во паника. Никој не знаеше што се случува. Некои велеа дека е бомба и дека експлозијата се случила во близина. Влеговме во автомобилот, но не можев да излезам од населбата каде што живеам. Сè беше блокирано“, раскажува Ристовски.

Го зел телефонот, но немал интернет, ниту мрежа. За што всушност станува збор разбрал од пријателите, со кои едвај успеал да се слушне. Му рекле да се врати дома зашто делот каде што живее е безбеден. Разговорот со нив го смирил и му влеал надеж дека сè ќе биде добро.

„Ова не е прва експлозија што сум ја доживеал во Бејрут. Бомбашки самоубиствени напади имаше и во 2013 и во 2014 година. Но, ова беше најсилниот удар што досега тука сум го почувствувал “, со треперлив глас ни раскажа Ристовски.

Ристовски од медиумите дознал што се случило и каква е катастрофата во човечки жртви. „Веќе следниот ден имаше препорака сите деца и возрасни над 65 години да се дислоцираат од Бејрут зашто постојат шанси за хемиска контаминација на воздухот од експлозијата. Буквално сите болници во градот се полни, немаат место да примат ниту еден пациент. Сите повредени ги носат во болниците надвор од градот. Има над 4.000 повредени. Две болници што се блиску до местото на експлозијата мораа да пренесуваат повредени пациенти во други болници. Меѓу нив имаше и заразени со ковид-19 – објаснува Ристовски.

Вели дека среќа во целата несреќа е што не излегол навреме од дома, зашто во тој случај ќе бил само на еден километар од пристаништето каде што се случила експлозијата и веројатно ќе бил меѓу повредените.

„Пристаништето се наоѓа во близина на центарот на Бејрут. Долго е повеќе од пет километри. Тоа е централно пристаниште – посочува Ристовски.Во јавноста во Бејрут има многу шпекулации зошто се случила токму сега ваква експлозија. „Главниот аргумент е дека сето ова е поради невнимателност на државните власти. Тие хемикалии со амониум нитрат биле складирани во пристаништето пред повеќе од пет години и досега никој не се погрижил за нив. Таа пратка со такви хемикалии наводно стигнала на брод кој имал пријавено дека има технички проблем и така останала со години – објасни Ристовски.

Според него, властите во Бејрут лошо се справиле со ситуацијата. „Никој не знае што точно се случи. Сето ова можело да се спречи ако некој се погрижел за тоа. Дали ќе се најдат виновниците за оваа катастрофа, засега е најтешкото прашање“,  вели тој.

Коронавирус