недела, 7. март 2021. Вести денес: 54
home Вести

Македонците во Албанија ја одбележаа Василица

Македонците во Албанија ја одбележаа Василица

Македонците во Албанија го прославија празникот Свети Василиј Велики, со кој се означува почетокот на Новата година, според јулијанскиот календар.

По традиција, празникот се одбележа во духот на македонските обичаи и традиција.

– Во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник, синоќа се палеа василичарски огнови, се пиеше вино и топла ракија, се пееја песни. Според традицијата наследена од дедовци и прадедовци, деца маскирани и со некој музички инструмент во рака одат од куќа во куќа пеат песни и прават голема врева со тенџериња и ѕвонци кои ги носат со себе, вели Васил Стерјовски.

Стерјовски, кој е лидер на македонската партија МАЕИ и пратеник во албанскот парламент од оваа партија и за овој празник беше со Македонците во Преспа, посакувајќи среќна и бериќетна година.

– Во секое македонско семејство ширум Албанија, во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Подградец, селата од Голо Брдо, домаќинките подготуваат пита или како што ја нарекуваат мазник со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне, во текот на годината ќе му се случуваат убави нешта, изјави Никола Ѓурѓај претседател на македонското друштво „Илинден” – Тирана.

Во исто време од име на друштвото и неговиот огранок за Голо Брдо, упати честитка по повод православна Нова година до сите Македонци во Албанија, во матичната земја и дијаспората, со желби за здравје, среќа и благосостојба и надминување на актуелната состојба со Ковид-19, со цел до година помасовно да се одбележува и овој и сите други божји празници.

Извор: Слободен печат

Коронавирус