четврток, 6. мај 2021. Вести денес: 197
home Вести

Мајка на дете со пречки во развојот ги открива проблемите и бара помош: „Најтешко ми е што другите деца го избегнуваат син ми“

Мајка на дете со пречки во развојот ги открива проблемите и бара помош: „Најтешко ми е што другите деца го избегнуваат син ми“

Кога нејзиното дете имало само една ипол година, загрижувачката дијагноза доаѓа како шок кој за момент ги руши сите надежи како кула од карти. Таа е мајка борец, но ни самата не била свесна колку тешка битка започнува. Битката ја води рамо до рамо со својот син, но знае дека таа мора да биде штит.

КУРИР ја пренесува животната сторија на една храбра мајка која бара помош. Всушност, го бара само тоа што знае дека ѝ следува.

Идентитетот на мајката и детето се познати на нашата редакција, а поради нивна заштита во овој текст ќе ги објавиме само нивните иницијали.

Мајката Д.С. (31) вели дека нејзиното дете има комбинирани пречки во развојот. Дијагностицирани му се сколиоза, вид на епилепсија, има пречки во говорот и хиперактивен развој. Магнетната резонанца покажала и бела материја во мозокот и циста.

Нејзиниот син Д.Ј.денес има 10 ипол години. Прозборел уште кога имал само една година, а потоа одеднаш на година ипол престанал да зборува. Мајката веднаш знаела дека инстинктот не ја лаже и го однела на доктор. Дијагнозата донела страв кај неа, потоа потешкотии за прифаќање, но по првичниот шок, Д.С. собира сила и ја почнува борбата за да му помогне на своето дете.

Но, освен со пречки во развојот, таа мора да се бори и со други пречки. Негрижата на институциите, одбивањето од околината, притисокот и односот на другите кон нејзиното дете, за неа секој ден е еден нов тежок удар.

-Најтешко ми е одбивањето. Ниту едно дете не сака да се дружи со мојот син, сите го избегнуваат. Го навредуваат и оговараат, велат дека е “ваков“ или “таков“, тоа најмногу ме боли. Не го прифаќаат. Мојот син е прифатен само од неговите врсници кои исто така имаат посебни потреби. Тие дечиња се разбираат. Од другите деца не е воопшто прифатен, истакна мајката во изјавата за КУРИР.

Таа е самохран родител. За детето се грижи сама бидејќи неговиот татко не сакал да биде дел од нивниот живот. Не помага ниту при чувањето, ниту пак финансиски, не прашал ни дали треба помош за лекувањето. Битката оваа мајка ја води сама.

Кога веќе нема поддршка од друг, се надевала на помош од институциите.

-Обезбедена ми е само социјална заштита, а немам здравствена заштита. Си плаќам сама, приватно, од мој џеб. Државата за тоа мене ништо не ми помага. После училиште, мора да оди во дневен центар, тоа јас го плаќам. За во училиште му е платен превоз, но за во Центарот не, тоа плаќам јас. Кога беше помал јас сакав да го носам во градинка, но не ми го примија бидејќи е лице со посебни потреби, вели мајката во изјавата за КУРИР.

Се соочува со низа други проблеми. Оваа сторија мора да ги разбуди надлежните институции, оваа мајка заслужува помош која ќе биде нејзина сила да продолжи да се бори. Не бара ништо повеќе од тоа што им следува на неа и нејзиното дете.

-Имам потреба од личен асистент за детето бидејќи има проблеми со пишување и учење. Потребно ми е финансиска помош од Министерството за труд и социјална политика, да му се плати на детето превозот од училиште до дневен престој, па до дома. Мене тоа ми е многу за плаќање, не можам да си го дозволам. Терапијата која ја прима моето дете е многу скапа. Јас само го барам тоа што ми следува бидејќи од државата сега не добивам ама баш ништо. Си ги барам правата, кои ми следуваат, истакнува таа.

Не добила ниту денар помош. Не била вклучена во ниту еден од пакетите за помош кои по корона кризата си ги промовираше македонската Влада. Не им следувало ништо на родителите кои се разведени, колку и да беа тие погодени во оваа криза. Мајката води и тешка финансиска битка, но не добила никаква помош од државата и покрај силните најави дека ќе им се помогне на најпогодените и на оние на кои најмногу им е потребно.

Прашува дали на децата со пречки во развојот им следува помош од државата бидејќи таа не добива ништо!

Пред нив е нова битка. Детето треба да се однесе на испитувања во Турција, но тие чинат многу и мајката не може да си ги дозволи.

КУРИР ја следи состојбата и веднаш ќе информираме доколку биде отворена сметка за донации.

Ги повикуваме институциите со особено внимание да го разгледаат овој случај. Еден е од многуте тешки животни патишта на кои треба да се пружи рака.

Потребите и барањата на мајката ги пренесовме во овој текст. Чекаме реакции од институциите на кои сме им на располагање за дополнителни информации за овој случај и за поврзување на контактите.

 

И.Ефремовски

 

Најнови вести

Коронавирус