четврток, 5. август 2021. Вести денес: 83
home Вести

Локалните избори ќе бидат распишани на крај на јули или почетокот на август

Локалните избори ќе бидат распишани на крај на јули или почетокот на август

17 октомври 2021 се најавува како оптимален датум за одржување на првиот изборен круг. Во таков случај почетокот на кампањата би се совпаднал со последните денови од пописот, ама од друга страна, ако се гласа недела или две подоцна, на повеќето досегашни градоначалници и советници веќе ќе им бидат истечени мандатите.

Спикерот Талат Џафери денеска најави дека летово ќе ги распише локалните избори, согласно законските рокови. Според Изборниот законик, редовни избори треба да бидат распишани во последните 90 дена од мандатот на актуелните градоначалници и советници, но не повеќе од 70 дена пред истекот на мандатот.

Џафери вели дека на половина од градоначалниците четиригодишните мандати им биле потврдени околу 18 октомври 2017 година, а на оние кои беа избрани во втор круг кон почетокот на ноември 2017 година. Тоа значи дека на половина од градоначалниците и на речиси сите совети на општини мандатите би им истекле околу 18 октомври годинава.

Тоа, како што посочи Џафери, ќе влијае на одлуката во кој термин ќе се одржат изборите, согласно со измените на Изборниот законик што беа донесени по средбата Зоран Заев-Христијан Мицкоски, со кои гласањето, наместо во првата половина на октомври, се помести за втората половина на октомври. Според тоа, 17 октомври е првиот можен термин за одржување на првиот круг од изборите, а последен е 31 октомври.

Џафери не потврдува дека изборите ќе ги закаже за 17 октомври, ама тој датум засега се чини најизвесен бидејќи веќе на 18 октомври ќе им истече мандатот на повеќето досегашни власти во локалните самоуправи. Од друга страна, ако изборите бидат распишани за 17 октомври, тогаш почетокот на изборната кампања, која трае 20 дена, ќе се совпадне со пописот, кој треба да заврши на 30 септември. Џафери изјави денес дека ќе почека известување од ДИК кога им завршуваат мандатите на локалните власти и согласно со тоа следниот месец ќе донесе одлука околу тоа кога ќе ги распише и кога да се одржат локалните избори.

Коронавирус