недела, 28. февруари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Љупчо Јаневски се јави – Навистина се јави!

Љупчо Јаневски се јави – Навистина се јави!

После три години раководење со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, после цела година борба со Ковид пандемијата и откако сосема протона туризмот во Република Македонија, конечно се огласи директорот Љупчо Јаневски во чии раце го оставивме најважниот сектор – туристичкиот.

„Почитуваниот директор“ за МИА вели: „Корона кризата ги извади на површина слабостите во нашиот туристички сектор“. Оваа прва изговорена реченица разумен човек не може да ја протолкува никако поинаку, освен како јавно признание за сопствените слабости. Зошто? Затоа што, како што вели, постоеле слабости кои Корона кризата ги извадила на површина. А зошто тој истиот, како најодговорен во туризмот не превзел било што за да ги отстранува тие слабости? Дали ова значи дека иако бил свесен дека постојат слабости, наместо да ги отстранува, се нафатил на позначајни работи од типот рашетавање по саеми, наместо справување и елиминирање на слабостите? Одговорот е до толку очигледен, што не мора ни да биде напишан.

Одиме понатаму и читаме дека меѓу слабостите ги набројува и: немањето туристичка инспекција за регулирање на пазарот, воспоставување е-визиторс како платформа за статистички податоци, а понатаму вели: „Ниту цените во дестинацијата, ниту висината на субвенционирањето нема да биде пресудно при одлуката на туристите каде да заминат и што да посетат, туку сигурноста“ – овде следува нашето прашање: дали „почитуван директоре“ си во координација со партискиот штаб и дали од таму ти кажале дека амандмани на буџетот за формирање на туристичка инспекција, воспоставување на е-визиторс, како и амандман за зголемување на сигурноста на туристичката дестинација беа поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но твоите ги одбија? Да не ги споменувам останатите амандмани, 30 на број, сите за туризам и сите одбиени од страна на твоите! Не ти кажале, очигледно.

За ваучерите излишно е да се зборува „почитуван директоре“ затоа што ниту се искористија како што ги планиравте, ниту пак се употребија според нивната намена. Ќе повторам по милионити пат дека откако со нив испромовиравте чужди земји, потоа дозволивте да се распродаваат по социјалните мрежи, за на крај, истите тие ваучери да можат се користат за ручек!? Ете ова беше владината #домасиедома, а според директорот, замислете, најуспешната домашна кампања што ја спровела Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Страшно!

Понатаму вели, цитирам „2020-та од страна на Светската туристичка организација е прогласена за најлошата година во историјата на туризмот, која го врати секторот во деведесетите години од минатиот век“…ова директоре на друг да му го кажуваш и престани веќе својата неспособност да ја затскриваш зад пандемијата. Ако не ти е јасно на што мислам, отвори на интернет и едуцирај се малку за тоа како се справија со пандемијата Турција, Грција и Бугарија и како го задржаа туристичкиот сектор на нозе! Ама таму со туризмот раководат некои кои се целосна спротивност од тебе! Жално за македонскиот туризам!

Следните три до пет години во фокусот на голем број туристи ќе биле националните паркови, руралните средини, престојот во природа, активностите во дестинациите и малите сместувачки капацитети. Секоја чест за тој што ти го напишал текстов, но сега прашањето е: Што ти – директоре и власта направивте за националните паркови, со што им помогнавте на руралните средини да се развијат и како ги поддржавте малите сместувачки капацитети за да опстојат? Одговор секако, нема, односно има и тој гласи – Едно големо ништо!

Наредниот цитат вели „Оваа година по многу нешта ќе биде запамтена, а најмалку по туризмот и туристичкиот сектор кој поради пандемијата воопшто немаше можност да функционира на начин на кој сме навикнати“ и точно е! Оваа година најмалку ќе биде запаметена по туризмот и туристичкиот сектор затоа што власта и дотичниов кој е на чело на туризмот со прст не мрднаа за туризмот и немо го гледаа како пропаѓа! Точно е дека туризмот и туристичкиот сектор воопшто немаа можност да функционираат на начин на кој сме навикнати, затоа што се навикнавме на развиен туризам кој од година во година бележеше само раст и напредок, а пота го оставивме во рацете на „почитуваниот директор“ и туризмот стана многу повеќе сплет на околности, отколку резултат на макотрпна работа!

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го создала Координативното тело во кое членувале сите релевантни чинители од секторот. Дали со оваа реченица „почитуваниот директор“ мисли на сите релевантни чинители од секторот кои побараа негова оставка, или пак, тој си има свои „релевантни чинители од секторот“ од кои сите ние, а уште помалку секторот не виде апсолутно никаква полза?!

Потоа потсетува дека „имаме на што да работиме, многу малку низ годините сторивме за реално евидентирање на домашните туристи“. Апсолутно се согласувам и тоа е и повеќе од очигледно! Имаме на што да работиме „почитуван директоре“, но немаме со кого да работиме!

За крај вели „Нашата цел се 2,3 милиони ноќевања и 250 милиони од туризмот“, нешто што, ако и понатаму оваа личност остане на раководна позиција во туризмот, ќе остане само мисловна именка!

Ќе завршам како што и почнав…после три години раководење со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, после цела година борба со Ковид пандемијата и откако сосема протона туризмот во Република Македонија…Љупчо Јаневски се јави – Навистина се јави!

Во меѓувреме, додека пред очи ни пропаѓа туризмот, а директорот наместо да предложи конкретни мерки и понатаму останува на своето, на сите нам познато ЌЕ, не ни останува ништо друго освен да ги очекуваме најавените блогери и инфлуенсери, кои најверојатно ќе дојдат заедно со најавените Google и Facebook.

Колумна на Лидија Петкоска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Коронавирус