петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 115
home Вести

Љубомир Јовески исто како Зоран Заев: Две спротивни мислења за два месеци

Љубомир Јовески исто како Зоран Заев: Две спротивни мислења за два месеци

Пред неполни два месеци Државниот обвинител Љубомир Јовески сметаше дека префрлањето на сите постапки на СЈО во неговото обвинителство е нерационално решение. Денес ставот е променет и се чини дека Јовески е подготвен „со две раце“ да прифати наредба од притворено лице, во случајов, Катица Јанева.

Дека Јовески е расположен „нерационалното решение“ да го уважи за рационално пишуваат бројни медиуми изминативе денови откако специјалната јавна обвинителка во притвор Катица Јанева од „Шутка“ испратила наредба сите предмети од СЈО да се префрлат во Јавното обвинителство со кое раководи Јовески.

Во функција на оваа наредба на Јанева се одржа и средба на Јовески со правни експерти во Министерството за правда, веројатно барајќи правна поткрепа и поддршка за да се изведе оваа операција со која целта е да се легализира незаконската наредба на Јанева, која како притворено лице нема право да издава наредби во обвинителството кое го раководеше.

По средбата на експертите во поддршка на променетиот став на Љубомир Јовески се јави академикот Владо Камбовски со една конфузна изјава. Според Камбовски, опцијата Јовески да ги преземе предметите не е спорна, „оти тоа го бара шефицата на СЈО“. Тој додава: „Законот за СЈО предвидува ако некое прашање не е уредено, се применува постојниот закон за ЈО.

Спорно и зачудувачки е што Камбовски се повикува на законските одредби кои се јасни и прецизни. Според Член 1 од законот за СЈО, за се што не е уредено со тој закон, ќе се применува Законот за Јавното обвинителство и останатите позитивни законски прописи во Република Македонија.

Во Законот за СЈО не е уредено каков би бил статусот на специјалната јавна обвинителка доколку биде притворена, што значи дека за оваа ситуација, важи Законот за јавни обвинители, кој вели дека „Јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор.“

Камбовски во обидот да го поддржи преземањето на предметите на СЈО од страна на Јовески, како да заборавил дека „шефицата која тоа го бара“ е во притвор, односно по автоматизам е оддалечена од функцијата која ја извршува. Кон ваквата конструкција, целосно игнорирајќи ги законските одредби, веднаш по наредбата од „Шутка“ на Јанева се јавија и министерката за правда Рената Дескоска и премиерот Зоран Заев. Премиерот отиде дотаму што во обид да го оправда чинот на Јанева изјави дека „имало луѓе кои и плати потпишувале од притвор“, притоа заборавајќи или игнорирајќи го фактот што за деловните луѓе не постои законска одредба која истото би им го забранила, како што постои одредба која забранува притворен обвинител да врши обвинителска дејност, како што е наредбата за прераспределба на предметите од Јанева кон Јовески.

Со ова Зоран Заев сакајќи да ја релативизира незаконитоста на т.н. наредба на Јанева со цел јавно да ја оправда, фактички го засилува впечатокот меѓу граѓаните дека целата оваа „егзибиција“ наликува на оркестрирана операција во координација на СЈО-СДСМ-Јавно Обвинителство, односно Јовески и Рускоска.

Професорот Гордан Калајџиев, исто така присутен на средбата со Јовески има сосема спротивен став од оној на академикот Камбовски:

„Јанева предметите ги добила со закон и мора да ги работи. Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува од типот „после мене потоп“. Никаде во законот не се предвидува ова обвинителство да ги предаде сите предмети особено не во ваква ситуација каде нејзе ѝ е завршен мандатот и каде нема политичка волја да се избере нов обвинител…За избор на нов јавен обвинител очигледно не постои интерес и тоа е најстрашното што очигледно е дека ова е крај на СЈО. Не постои интерес да постои автономна институција која ќе се бори со организиран криминал. СЈО е злоупотребено само да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт и ништо повеќе, тоа со жалење го констатирам“, вели Калајџиев.

„Предметите не се ниту на мајка и, ниту на татко и, не ги донела од Гевгелија, па да ги предава. На овој начин само ќе се развлечат, кој знае во чии раце ќе завршат. Згора на се, адвокатите на обвинетите ќе ја спорат законитоста“, вели Калајџиев за Фокус. Професорот коментирајќи го соодносот на силите на средбата во врска со писмото на Јанева на фејсбук напиша „Сам против сите“.

Но, на линија со професорот Калајџиев се многу негови колеги кои не се воздржуваат од коментирање на правните апсурди кои се чини дека се обидува да ги наметне спрегата меѓу елементи од СЈО, СДСМ и ЈО. Доколку таква спрега не постоеше, писмото на Јанева ќе беше без никакви дилеми игнорирано и отфрлено како нерелевантно, имајќи предвид дека неа, како притворено лице, со закон и е забрането да извршува обвинителска функција додека е во притвор.

Според адвокатот Јанаки Митровски, писмото или полномошното на Јанева е во координација или под притисок на власта со што ќе се обидат да ја заобиколат процедурата и опозицијата.

Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“ потсетува дека во Законот за Јавното обвинителтво, т.е. во членот 60 пишува дека јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата додека се наоѓа во притвор.

Според поранешниот обвинител Александар Наков, во изјава за Радио Слободна Европа, наредбата на Јанева нема никаква правна важност затоа што со приведувањето, таа е веќе суспендирана од вршење на обвинителската должност.

Реномираниот адвокат Дончо Наков пак додава дека поради непостапување на Републичкото јавно обвинителство, Катица Јанева не е оддалечена од работата на обвинителството.

„Да не се криеме позади формално-правните недоречености во законот за СЈО. Внесување на наредби од притворено лице во правниот систем не е само преседан, туку и кривично дело, особено поради фактот за повторување на кривичното дело“, изјави Наков на расправа за предметот „Топлик“.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ е на иста линија со колегите кои го толкуваат Законот за јавни обвинители и смета дека е смешно специјален јавен обвинител да издава наредба за предавање на предмети во друго обвинителство додека е во притвор, прашувајќи што би било следно: „Јанева да побара притвор за некој осомничен од предмет на СЈО додека самата таа е во притвор?“

Имајќи ги предвид недвосмислените законски прописи и фактичката ситуација, дека обвинител не смее да врши обвинителска дејност додека е во притвор, се поставува прашањето зошто Љубомир Јовески е очигледно подготвен да ја уважи незаконската наредба на притвореното лице Катица Јанева, откако претходно тврдеше дека ваквото барање е нерационално?

Дали соодносот на силите Заев-Јовески-Дескоска против позитивните законски прописи во Македонија бранети од реномирани експерти, професори, адвокати, обвинители, е дел од скриена агенда која има за цел да го заобиколи законот, со политички цели во функција на власта?

За крај, да се потсетиме уште еднаш што вели законот. Според Законот за СЈО, Член 1, Став 2 се вели дека „За се што не е уредено со овој закон, ќе се применува Законот за Јавното обвинителство и останатите позитивни законски прописи во Република Македонија“.

Според Законот за Јавно обвинителство недвосмислено стои дека „Јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор.“

Јанева не само што не е оддалечена, туку Јовески, Заев и Дескоска ја поддржуваат незаконската постапка на Јанева. Апсурд кој очигледно нема врска со декларативните заложби за правна држава и владеење на правото – туку владеење на силата на политиката.

Доказот за тоа можеби е токму овој, пред очите на јавноста – додека се води полемиката околу нелегалноста на постапката на Јанева, на социјалните мрежи се појави слика на која авторот тврди дека се наоѓаат републичкиот обвинител Љубомир Јовески и адвокатот на Зоран Заев, Филип Медарски. Сличностите се преголеми, за да се работи за коинциденција.

Коронавирус