сабота, 19. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Леон Стефановски: Идеалот на Илинден е светост, чест и достоинство, но колку долго може тој да живее во С̶е̶в̶е̶р̶н̶а̶?

Леон Стефановски: Идеалот на Илинден е светост, чест и достоинство, но колку долго може тој да живее во С̶е̶в̶е̶р̶н̶а̶?

Секогаш кога… Еве за пример ќе земам одредено животно, тоа животно со години живеело и опстојувало во одредено живеалиште кое за него претставува дом, тоа животно се привикнало на тоа живеалиште, и живеалиштето и самата околина околу него за животното го претставуваат целиот свет. И нормално, тоа секојдневно ги извршува основните биолошки процеси, еден ден и ќе се размножи. И замислете како би му било доколку некој го одведе во некоја средина тотално непозната за него. До вчера со сите основни биолошки потреби задоволени, а денес во некоја сосем трета непозната средина. Но животното ќе проба да се бори, ќе проба да се избори и да обезбеди услови за живот односно да ги задоволи тие биолошки потреби. Но прашањето е „ Ќе успее ли?”. Главен фактор е неговата способност за адаптација па потоа карактеристиките наследени од родителите итн… Истото на некој начин и го направија и на Македонија.

Не, ова не е смешна компарација, туку компарација која ја отсликува реалноста. Македонија со векови претставувала огромна земја на чесни и работни луѓе, огромна земја за која биле подготвени да го оддадат животот илјадници луѓе. Земја од која се плашеле денешните големи светски сили. Земја од која се хранеле и која ја почитувале милиони луѓе. Но како и на животното, така и на Македонија и биле уништувани основните процеси со која таа опстојувала. И биле уништувани, но апсурдно е што самите Македонци си го газеле она исконското, она светото, она македонското. Гоце неспоредно пред неговата смрт ги кажал оние легендарни зборови „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот.” Замислете, неговата смрт била резултат на поткуп или предавство од страна на некој од неговата чета, некој што честа, идеалот и Гоце ги продал за неколку лири. Но Гоце ги изустил овие зборови многу порано од неговата смрт, го воочил тој синдром што големината на Македонецот ја валка со една црна капка на предавство. И кога сме кај тој синдром, Гоце има уште една размисла.

„Историјата не памети  друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“ Тој синдром за разделување и предавање владее и денес, и денес за нештата да станат уште полоши голем дел од народот ги подржува луѓето чиј очи се заслепени од тој синдром. И знаете што ме загрижува најмногу? Што тој синдром го нарекуваме „Просперитетна европска иднина”, тој синдром го викаме „ Иднината е поважна од минатото”, „ Што ќе ти донесе патриотизмот”, „ Други беа тие времиња”. Итн, итн… Тој синдром вроди со плод, „Обезличена Северна” се разбира, вроди со плод, игравме со рака во девееста минута во шеснаесетникот и на соседите им дадовме пенал, кој нормално на празна статива ќе го реализираат. Вроди со плод на добрососедски односи во кои само ние сме добриот сосед. Вроди со плод, кој, ни се тера, ни се води. Прашањето е, „ Ќе го изедат ли тој плод, или ќе скапе?”

Може да го посадиме семето што ќе остане од тој плод, но тоа што ќе изникне, никогаш нема да биде исто! Но и садењето е најмалку веројатно во овие тешки околности. Се надевам дека јасна ми е пораката… Кога сме кај идеалот и вчерашниот празник Илинден, најголем празник во однос на идеата за своја држава и идеалот за државотворност, зошто Илинден има толку големо значење од историски но и од морален аспект? Бидејќи има посебно значење за историјата на македонскиот народ заради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано првото заседание на АСНОМ. На почетокот на јануари, односно на почетокот на  1903 година, централниот комитет на ВМРО донел решение да се крене востание летото истата година, востанието означувало нова фаза од развојот на македонското национално и ослободително движење. На 2 август 1903 година, на Илинден, или како што ние христијаните велиме „ Свети Илија”, почнало Илинденското востание. Кое најголем успех постигнало во Битолскиот револуционерен округ.  Прво било ослободено Смилево, па Крушево. Успехот се префрлил во Костурско и во Леринско, на 4 август 1903 година, мислам дека околу 600 востаници го ослободиле градот Клисура и го држеле во свои раце сe до 17 август. На 17 август истата година, околу 600-700 востаници од Костурско и од Леринско го ослободиле малиот град Невеска. Местата што ги ослободувале добивале народна власт.   Најжестоки востанички борби се воделе во Малесија, во Горна и во Долна Дебрца, во Преспа итн, итн…

Кога сме кај значењето на АСНОМ, односно значењето на 2 август со АСНОМ, 41 година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчински во близина на Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ  на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на Југославија. Учесници биле Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, со зборовите: „Денеска е Вториот Илинден, последен Илинден на неслободна Македонија, се ставаат темелите на македонската држава“.И замислете што правиме ние денес, своеволно правиме коските на овие луѓе да не почиваат во мир. Неговите зборови се „ Темелите на македонската држава” а ние се осмеливме да ја промениме таа светост.

И немојте да мислите дека се виновни само оние кои го направија тој срам, оние кои се гишкаа додека ја понижуваа Македонија, виновни сме сите ние кои не превзедовме ништо во врска со тоа. За тоа подоцна, да се навратам на составот на славното заседание на АСНОМ на 2 август, таму биле: Методија Андонов Ченто , Панко Брашнаров и Емануел Чучков  и Љупчо Арсов и Владимир Полежиноски . Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење  Решение за конституирање на АСНОМ како врховен законодавен и извршен претставнички орган на демократска Македонија, решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Од дваесет и осми до триесети декември во  Скопје е одржано Второто заседание на АСНОМ. Од четарнаести до шеснаести април 1945 година било одржано Третото заседание на АСНОМ, кога е избрана Влада на Народна Република Македонија и се оформени органите на власт на новата македонска држава, создавана во текот на Народноослободителната војна.

И тука најмногу ме иритираат луѓето што велат „ Треба да му се заблагодаруваме на Тито, што ни даде држава”. Што автоматски покажува невидена непочит кон АСНОМ и идеата за самостојна Македонија за која починале илјадници луѓе. На тие што велите да му се заблагодариме што ни дале држава, јас можам да ги плукнам во лице, но не можам бидејќи сигурно не се меѓу нас. Знаете зошто? Бидејќи заради нив, Методија Андонов Ченто цели 9 ГОДИНИ кршеше камења во удбашките затвори и пред комплетно да си ја одлежи казната, го убивте, зарем на тие удбашко- југословенски структури да им се заблагодарувам што го мачеа Ченто? Зарем не ви е срам да го зборувате тоа? Зарем не ви е непријатно? Зарем не сфаќате дека истите структури го пикнаа и неговиот внук Јане Ченто во затвор? Зарем не ви е јасно дека предавниците се херои, а хероите предавници во оваа Северна бедотија? Срцето да ти се кине кога ќе ги прочиташ зборовите кои ги кажал Ченто кога сфатил дека уште тогаш имало „луѓе заболени од тој македонски синдром”.

“Верував во се’, но не верував дека Македонците ќе ми cyдат за Македонија”

Е сега, тој синдром толку многу се распространи што се осмели да ги уништи делтата и животите на стотици претходни генерации, и да ги обезличи односно промени животите на идните генерации. Тој синдром го направи мнозинството во оваа држава граѓанин од втор ред, тој синдром владее со помош на лажни зборови, празни флоскули и големи количини на поткуп, тој синдром тешко ќе се искорени бидејќи тој синдром претставува рак за чувството на патриотизмот и идеалот за слобода или смрт за Македонија! Тој синдром о потпомогнат од странска сила е скоро неуништлив! И тоа ме плаши, ме плаши фактот дека битката за Македонија мора да продолжи без идеал, без идеал бидејќи идеалот постепено се губи низ Северна. Бидејќи луѓето кои живеат за идеалот секогаш ќе бидат на места или позиции преку кои нема да бидат толку влијателни, или пак можеби нема да бидат воопшто влијателни.

Може ли некогаш да има комплетно остварување на идеалот? Бидејќи по дефиниција тој е образец на одредено совршенство. Може ли преку македонската политика да дојде до остварување на идеалот за „Слобода или смрт?” Се разбира дека не! На македонската политичка сцена прво треба да се разграничи кој за што се залага. И мислам дека не треба да им се лутиме на луѓето коишто политиката ја гледаат низ партиска призма бидејќи и самите партии немаат соодветен збир на идеи коишто ќе ја отсликуваат нивната идеолошка припадност. И прашањето „ Зошто младите влегуваат во политиката, заради идеологија или заради егзистенција?” е навистина здраво и мора да се постави на маса, бидејќи, ајде да не бидам толку брутален, 90% од младите коишто се придружуваат на некое политичко движење или партија тоа го прават сѐ со цел остварување на некој свој интерес или решавање на прашањето за егзистенција. Што е тотално погрешно, бидејќи интересот и идеологијата се сосема спротивни, политичка партија полна со луѓе од интерес еден ден ќе стигне до стадиум на руина.

Кога ќе размислиме дека животот на еден човек, еве на пример вашиот би траел 100 години, а планетата е стара милиони години, зарем не ви доаѓа чувството дека вашиот или мојот живот е само ронка од големото парче леб? Или само една точка на бескрајниот универзум? Јас тоа прашање сум го мозгал многу пати, но до вистинскиот одговор нема да дојдам никогаш, бидејќи самиот живот е идеологија, самиот живот е милијарди различни размислувања околу милијарди различни нешта кои решаваат една голема сложувалка. Нештата секогаш се променувале, секоја 5,6 генерација живеела во различни општествени уредувања и имала многу различен живот во однос на другите. Но смее ли една генерација да одлучва за десетици други? Јас мислам дека не, секоја генерација мора да го зачува она што му било оставено од претходната, да извлече порака од оставеното и да го предаде тоа на идната генерација.

А јас? секогаш ќе се водам од мојата идеологија, ќе чекорам гордо и исправено, ќе проверувам дали со себе ги носам најважните нешта, честа и достоинството. А од камчињата што ќе бидат фрлани по мене ќе направам мост, бидејќи времето не запира…

 

П.С. Вчера по повод Илинден во два наврати на сите Македонци им го честитав големиот празник. И повторно ќе ја искористам таа прилика пишувајќи ја оваа колумна. Илинден има посебно место во моето срце, и како таков ми буди чувства на радост, исполнетост, восхит но во исто време и ми го разгорува чувството на емпатија, ме потсетува дека многу срца престанале да чукаат за остварување на идеалот, ме потсетува дека желбата за своја држава со чест и достоинство е многу посилна од желбата за удобставата и долгиот живот. Се надевам дека догодина во подобри услови и во уште поголем број ќе го прославиме овој празник! Од сѐ срце до сите вас, честит Илинден!

Леон Стефановски

Коронавирус