сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 33
home Вести

Лекциите на Госпоѓа Министерка во образованието

Лекциите на Госпоѓа Министерка во образованието

Често додека се соочувам со сите лоши работи што се случуваат во секојдневието се присетувам на оние претстави каде што сум имал среќа да застанам на штиците што живот значат сфаќајќи ја моќта на репликите кои и сега гласно одѕвонуваат за општеството и луѓето.

Генијалниот текст на Бранислав Нушиќ, комедијата „Госпоѓа министерка“ најпрецизно ја претставува нашата сурова реалност. Застанувајќи на сцената мислев дека само таму на површина испливуваат негативните особини на луѓето под кои поединците се гушат, се спуштаат до дното на општеството кое немоќно се предава на зачмаеноста, а луѓето ја губат рамнотежата и не умеат да се држат на нозе. Но, очигледно тогаш наивно и слепо само сум верувал и сум се излажал дека луѓето не ги земаат во својот живот таквите примери за поука.

Апсурдните лекции на „Министерката“ Живка, не се ништо поразлични од денешниве комични лекции на Министерката за образование и наука коишто се случуваат во образованието и насила се претставуваат како реформски, иновативни и одлични.

Владее тотален хаос во образованието во Македонија. Од една страна ја имаме пандемијата, од друга страна го имаме лошото менаџирање од страна на надлежните. Факт е дека одговорните не успеаја да организираат квалитетна настава.
Последната небулозна лекција којашто ја слушнавме е дека само за учениците од прво до трето одделение учебниците се во печатена форма, а за останатите во дигитална. На оние ученици кои немаат електронски уреди тогаш учебниците ќе треба да им се испечатат и дадат.

Досега веќе требаше да ја видиме посветеноста за набавка на дигитални уреди за учениците, но и за опремување на сите кабинети и на инфраструктурно подобрување во училиштата. Како претходно Министерката сите тие работи да ги среди и заврши со дигитализацијата, опремата и наставата на далечина, па сега јуриша напред.

Никој од најповиканите не презема одговорност и не се труди да објасни што се случи со Националната платформа за учење на далечина. Учениците и наставниците работат преку платформата Мајкрософт Тимс. Просветните работници заслужуваат одговори како функционираше Националната платформа досега и каде и во кои услови најчесто се спроведуваше онлајн наставата.

Скратените наставни програми за учење, ако може да се наречат скратени, воопшто не беа прилагодени за ваквото учење на далечина и новата состојба.

Надлежните треба да кажат и објаснат за односот на оценувањето оваа година во однос на тоа на крајот од минатата учебна година.

Сите треба да бидат запознаени кои мерки беа преземени со цел наставниците и учениците да бидат безбедни за време на онлајн наставата.

Но, наместо сите овие анализи и профункционирање на Национална платформа, гласот на сите просветни работници и стручната фела, за Министерката поважна беше новата Концепција за основно образование со којашто уште повеќе се разнишува и онака кревкиот образовен систем.

Наместо почитување на засилените мерки за превенција во училиштата и навременото откривање и изолирање на случаите и нивните контакти во нашиот образовен систем се случуваше спротивното што резултираше со неуспешност во спречувањето на растот на бројот на новозаболени во училиштата.

Секојдневните празни анкетирања за вакцинирање предизвикуваат револт кај вработените во образованието затоа што тоа останува само усно или празно слово на хартија, додека во пракса не се случува никаква масовна вакцинација.

УНИЦЕФ неодамна повика дека училиштата треба да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога за тоа ќе се создадат безбедни услови. Повторно одговорните како и досега немаат план и стратегија за следната учебна година.

Што се однесува до уписната политика за којашто иако гласно се најавуваше дека за првпат била креирана преку соработката на МОН, локалните самоуправи и бизнис-заедницата, како и потребата за отворање нови образовни профили и паралелки во училиштата сепак тоа не е така доколку се направи споредба со Конкурсот за упис на ученици во средните училишта од минатата учебна година. Потсетувам исто така дека и модуларното стручно образование и дуалното образование функционираа неколку години претходно.

Тоа е лесно видливо и може да се забележи, конкретно во средните училишта во општина Охрид се укинуваат дури 4 (четири) паралелки. Помалку паралелки значи помалку ученици и помалку часови за професорите за разлика од оваа учебна година. Доколку се земе угостителско-туристичката струка на ниво на сите средни училишта во Македонија ќе се забележи дека се укинуваат дури 7 (седум) паралелки во пет града, а се отвора само 1 (една) во нов град, и од вкупно 13 градови каде што досега беше застапаена како струка сега ја има во 14 градови. Оттука многу очигледна е парадоксалната улога на Регионалните центри за стручно образование и обука. Средните стручни училишта и регионалните центри ќе станат, повеќе, места за одржување курсеви отколку воспитно-образовни институции за ученици.
Очигледно на надлежните им е потребно одржување часови за исполнителност и тоа во духот на слоганот „Учи паметно, работи стручно“.

Госпоѓа Министерка е многу добар пример да се согледаат негативните лекции и последците од нив врз луѓето и општеството. Чесно и доблесно е да се понесе одговорност за погрешните лекции во образованието.

Пишува: Перчо БОЖИНОВСКИ, професор по македонски јазик и литература

Коронавирус