петок, 22. октомври 2021. Вести денес: 200
home Вести

Лефков: Дали модуларната болница во Тетово е поставена за некој да направи профит? Во кругот на болницата имало објект од тврда градба кој требало само да се опреми!

Лефков: Дали модуларната болница во Тетово е поставена за некој да направи профит? Во кругот на болницата имало објект од тврда градба кој требало само да се опреми!

Владата на чело со Заев е насочена на забошотување на истрагата за трагедијата во Тетово, во која животот го загубија 14 наши сограѓани. Има огромни пропусти од страна на власта, а најновите информации говорат дека во Тетово воопшто немало потреба да се поставува модуларна болница, зошто во склопот на болницата имало веќе постоечки објект од тврда градба со два ката неискористени, се што требало да се направи е да се опреми тој дел, на ист начин како што се опремила и модуларната болница, обвинува Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Доколку наместо модуларната болница, КОВИД центарот беше во објект од тврда градба, ниту евентуален пожар ќе ја изгореше болницата за три минути, нити ќе имаше загинати. Ова дополнително го поставува прашањето зошто Филипче и Хасани се одлучиле воопшто за поставување на модуларна болница во Тетово? Дали модуларната болница само е поставена за да се реализира тендерот кој го доби Брако? Дали за нечиј профит Филипче и Хасани непотребно ја правеле модуларната болница во Тетово? Дали огромниот број на грешки, погрешни проценки и непромислени работи сега ќе го плаќаат некои службеници наместо врвот на власта? Според информациите кои ги објави ЈО на сослушување се повикани само роднините на починатите. Не Филипче, не Хасани, туку роднините, вели тој.

Лефков прашува кој го одобрил пуштањето на објектот во употреба.

-Како тие да се луѓето кои ќе дадат одговори зошто е поставена модуларната болница, имало ли потреба, кој дозволил таа да биде направена токму од такви материјали, кој го вршел надзорот, кој го одобрил пуштањето на објектот во употреба? Наместо тоа ЈО се занимава со луѓето кои претрпеа голема семејна трагедија. ЈО им овозможи на Филипче, Хасани, директорите на болницата, но и фирмата на изведувачот да ги отстранат или уништат сите можни докази кои би упатувале на нивна вина и одговорност. ЈО неефикасно и бавно ја води истрагата, а со тоа остава простор за отворен сомнеж дека се забошотува истрагата со цел да нема одговорност за високите раководни структури и се да се сведе на некој ситен функционер, кој треба да биде жртвуван, како што направија во безброј случаи до сега. Напоменуваме дека трагедијата во Тетово е случај кој ја потресе јавноста и случај каде живот загубија 14 луѓе. Да не им паѓа на памет ниту во влада, ниту во ЈО да ја разводнуваат истрагата. Одговорност ќе има и мора да има, посочи тој.

Локални избори 2021