четврток, 28. октомври 2021. Вести денес: 212
home Вести

Лажни покани за наводна истрага – МВР предупредува граѓаните да не наседнуваат

Лажни покани за наводна истрага – МВР предупредува граѓаните да не наседнуваат

Лажни покани испратени на меилови, наводно од полиција со кои лица се повикуваат во МВР за тековна истрага, ги вознемири граѓаните кои добиле вакви пораки. На поканата, на која имало и потпис од државниот секретар на МВР Магдалена Несторовска било напишано да се јават во полиција во одреден термин во врска со некаква постапка. Текстот започнува невообичано за полициска покана.

„Комплименти, Се надеваме дека сте здрави и практикувате социјално дистанцирање. Со ова известување, вие сте поканети во полиција на Северна Македонија во врска со тековната истрага. Ве молиме, разгледајте ги приложените документи за брифинг и, доколку е потребно, контактирајте го вашиот адвокат“.

Државната секретарка Магдалена Несторовска веднаш реагираше на својот фејсбук профил во кој напиша дека е лажна вест фалсификуван потпис и ширење паника. За ТВ21 таа изјави дека целта е да се предизвика револт кај граѓаните.

„Се работи за исклучително груб фалсификат со цел да се вознемират граѓаните денеска на празник, да се создаде револт непотребен кон државните органи, кон институциите, едноставно да се расипе празникот на граѓаните затоа што кога ќе добиете покана со таква содржина никому не е пријатно, прво е шокот и вознемиреноста па потоа се навлегува во детали и се анализира“, вели Магдалена Несторовска.

Несторовска им порачува на граѓаните да не ги отвораат таквите мејлови, бидејќи зад тоа може да стои и компјутерски криминал, а доколку ги отвориле, да се обратат до Одделот за компјутерски криминал во МВР.

„Министерството веќе презеде активности, Одделот за комјутерски криминал работи на проблематиката, така што за кратко време очекувам дека ќе излеземе со официјален одговор, односно ќе дадеме појасна слика за тоа кој стои зад тоа и што му била целта. Се претпоставува дека се работи за некаков вирус и со самото отварање на мејлот се изложуваат граѓаните на опасност да им биде на некој начин украдени податоците“, додава Несторовска.

Министерството за внатрешни работи реагираше до граѓаните да не наседнуваат на вакви измами и велат дека тие не користат електронска пошта за испраќање на покани до граѓани во врска со спроведување на истраги, туку тие покани се испраќаат во хартиена форма, со соодветна процедура, се вели во соопштението од МВР.

Најнови вести

Локални избори 2021