петок, 4. декември 2020. Вести денес: 4
home Вести

Лаброска: Најстрашно е кога Македонец го поддржува барањето на политичар од соседството да ги заборавиме историјата и јазикот

Лаброска: Најстрашно е кога Македонец го поддржува барањето на политичар од соседството да ги заборавиме историјата и јазикот

За јазик чии дијалекти се оформени веќе во 16 век, со богато единствено усно народно творештво запишано во делата на Миладиновци, Цепенков, Шапкарев и на другите собирачи, за јазик којшто е уникатен во словенскиот јазичен свет со својата фонетика (тука мислам и на гласовниот систем и на акцентот) и со својот граматички систем, а уште повеќе со начините на изразување на различни семантички категории (прекажаност, чудење, условеност и др.), за оној јазик за којшто од моите родители научив дека треба да се гордеам бидејќи е мој, бидејќи е наш, бидејќи е македонски, зарем за тој и таков јазик треба да слушам негаторски изјави од личности кои се изгубиле себеси во политиката дотолку што си ги заборавиле предците, а што e уште полошо, си ги предале сопствените татковци, наши поранешни професори, писатели, интелектуалци, а, пред сè, Македонци со кои се гордеевме сите ние? , вели проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје

Не, нема да полемизирам со нив, не сакам ни имињата да им ги спомнам на нашите бивши и сегашни лицемери кои во името на некаква „подобра“ иднина го продадоа името на државата, а сега сакаат и јазикот. Едноставно, исконскиот македонски глас во мене сакаше да ги обелодени мислите, да се претвори во писмо нанижано на нашата преубава кирилица, со нашите најубави македонски зборови и како запис македонски да стигне до сите оние што знаат дека се Македонци, си го знаат својот корен македонски, таму наназад, во минатите векови и нема да дозволат тој да ни исчезне во иднината затоа што некој по секоја цена сака да ни го укине јазикот, небаре се укинува струја поради неплатени сметки! И сето тоа, замислете, во име на една посветла иднина во Европската Унија? Дали демократијата во ЕУ подразбира укинување на народи и на нивните јазици? Искрено се надевам – НЕ. Уште поискрено се надевам дека сите наши соседи, обичните добронамерници, било да се на исток, запад, север или на југ, не сакаат да нè снема! Чуму им е тоа? Па заедно сме побогати, пошарени и поразиграни на овој убав Балкан! И можеме убаво да живееме и уште поубаво да се разбереме, и тоа не ако го понижиме соседот со навреди дека не постоел или не постои, туку со учење на јазикот на другиот и на неговата култура, книжевност, историја. Невкусно е да слушаме секојдневно дека некој наш сосед не признава нешто наше. Уште поневкусно е да бараат од нас да си ја заборавиме историјата и да си го заборавиме јазикот. А најстрашно од сè е кога ќе слушнеме дека некој „Македонец“ го поддржува тоа безумно барање на некој политичар од соседството! Во име на нешто! Во име на иднина во која ќе немаме своја историја и ќе зборуваме на безимен јазик!

За крај би сакала да ја испратам пораката: тука сме ние, Македонците! Немојте да се надевате дека сите се продадени. Нас нè има, и уште повеќе ќе нè има! Нема да исчезнеме, ниту ние Македонците, ниту нашиот македонски јазик, ниту нашата македонска историја. Не за да се противиме некому, туку во име на демократијата во 21 век! Во име на слободата на мислење и на себеидентификување! Со Гоце, Крсте, Блаже, Божо и со сите наши големи умови! Пишаниот збор треба да има тежина, а тежината ќе ја има ако ја кажува вистината! Сето друго што е основано на лаги и на конструкции ќе исчезне во ветерот, небаре никогаш не постоело! Вели проф. д-р Веселинка Лаброска

Коронавирус