вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 147
home Вести

КСС: 100% плата за време на изолација и боледување од ковид -19 и заштита на работното место

КСС: 100% плата за време на изолација и боледување од ковид -19 и заштита на работното место

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија уште еднаш ги повикува сите надлежни во државата да се одважат и основното право на плата да не го одзeмаат од работниците кои се заболени или пак се во изолација поради пандемијата со Ковид – 19, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

-Имено, во изминатава недела слушнавме неколку меѓусебни обвинувања помеѓу синдикат и невладини организации, кој бил виновен да се скрати правото на 100% исплата на боледувањата на работниците кои се во изолација или пак се заболени од Ковид – 19. Жалосно е дека вниманието на јавноста некој се обидува да го сврти кон тоа дали да се исплаќа во јавен или приватен сектор. ГОСПОДА ОВА ПРАВО ВАЖИ ЗА СИТЕ РАБОТНИЦИ И ЗА ОНИЕ ВО ЈАВЕН И ЗА ОНИЕ ВО ПРИВАТЕН СЕКТОР. Но, мораме да напоменеме дека носење измени со заклучоци, акти или слично од страна на Владата не може да го укине или отстрани нашето право кое ни припаѓа согласно Законот за безбедност и здравје при работа. Напоменуваме ЗАКОН, а Владата од најразлични причини сака да го суспендира Законот со заклучок. Не господа, Закон може да измени само законодавниот дом, а тоа е Собранието. Согласно Законот за безбедност и здравје при работа и согласно правилникот за биолошки штетности кога се појавува нова штетност, каде што и коронавирусот е запишан како таков во согласност со Европските директиви, треба да се направи ажурирана проценка на ризик на работно место и да се изготви нова изјава за безбедност, согласно именуваниот Закон за БЗР. Законот во член 11 е јасен и сето ова го објаснува, но исто така е јасен дека ова е повреда на работно место, потенцираат од КСС.

Од тука КСС прашува и посочува:

– Работодавачот е должен да ги заштити работниците согласно Законот за БЗР, а дали тоа го сторил?

– Секое заболување на работно место од Ковид-19 се смета за повреда на работното место и се исплаќа 100% боледување.

-Инспекторатот за труд е одговорен сето ова да го следи, да го констатира и да ги заштити правата на работниците. Но, очигледно и таму каде што пријавуваме немаме конкретни одговори.

ЗАТОА НИЕ РАБОТНИЦИТЕ ЗАДРУЖЕНИ ВО КСС ГО ПОВИКУВАМЕ ПРЕМИЕРОТ:

– Да ја прекине оваа конфузија и ограничување и во соработка со стручни и компетенти лица и организација да стави крај на оваа нелегална битка на одредени структури кои се во обид да ги скратат правата на работникот, а правото на плата, да потсетиме е Уставна категорија.

– Да стави крај на уништувањето на работникот со некакви уредби и заклучоци со кои се суспендира Закон, на штета на и онака сиромашниот работник, кој погоден од оваа зараза не може да си дозволи квалитетно и целосно лекување. Почнуваќи од правото на тестирање за кое преку матичен лекар се чека со денови, па се до цената на лекарствата кои се потребни за лечење на вирусот.

„КСС останува доследен на бранењето на работничките права и во текот на оваа пандемија и многу пати досега го докажа тоа, без разлика дали тоа му се допаѓа на некого или не. КСС ги повикува сите организации кои се борат за работничките права да не подлегнуваат на манипулации од одредени структури кои од најразлични лични интереси се обидуваат да подметнат нелогичности. Време е да се покаже солидарност и време е да се стави крај на сите тие што злоупотребуваат за личен профит и интерес. Правото на плата е наше право запишано во нашиот УСТАВ и верувајте, за нашите чесно заработени плати и за нашето здравје и животи спремни сме да се бориме со сите легални и радикални мерки кои како претставници на работниците ни стојат на располагање“, стои во нивното соопштение до јавноста.

Коронавирус