петок, 29. септември 2023. Вести денес: 81
home Вести

Кривичниот совет го продолжи притворот за 29 лица за настаните во Собранието

Кривичниот совет го продолжи притворот за 29 лица за настаните во Собранието

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска им го продолжи притворот на 29 лица во врска со настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.

На 23 лица им е продолжен 30-дневниот притвор, на четири лица им е продолжена мерката куќен притвор, додека на две лица им е замената мерката притвор со куќен притвор.

– Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, за продолжување на мерката притвор и мерката куќен притвор за 29 лица, а во врска со настаните од Собранието на Република Македонија од 27 април, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Обвинителството и за К.М., С.В., Љ.А., М.Ч., Д.Л., Г.Ѓ., О.П., О.Р., М.П., А.А., Е.Д.Б., И.Ц., Б.Д., Б.И., В.Ј., И.Д., М.П., З.С., Ј.Ч., И.С., Г.А., В.Т. и В.М. ја продолжи мерката притвор во траење од 30 дена, соопшти попладнево Кривичниот суд.

За Љ.Д., Ј.Т., Ж.П. и С.М., како што е наведено, прифатен е предлогот на Обвинителството за продолжување на мерката куќен притвор.

Додека за С.М. и М.М., прифатен е предлогот на Обвинителството за  укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор.

Против овие решенија дозволено е право на жалба до Апелациониот суд во рок од 48 часа по приемот на решенијата.