недела, 20. јуни 2021. Вести денес: 90
home Вести

КПТ со критики за затворските услови во Македонија: Во пораст полициската бруталност, властите недоволно преземаат мерки

КПТ со критики за затворските услови во Македонија: Во пораст полициската бруталност, властите недоволно преземаат мерки

Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни (КПТ), денеска во Стразбур по добиеното одобрување од македонските власти го објави извештајот за 5-та периодична посета на Македонија, заедно со одговорот на властите на земјата. При посетатата е утврдено дека полициската бруталност е во пораст и дека властите не успеаја да преземат доволно мерки за да ги решат долгогодишните структурни недостатоци во затворскиот систем, јави дописникот на МИА.

За време на посетата, што се одржа од 2 до 12 декември 2019 година, делегацијата на КПТ доби бројни обвинувања за физичко малтретирање нанесено од полициски службеници врз осомничени за кривични дела. Тие и се пожалиле на делегацијата на КПТ дека биле подложени на удари со шлаканици, тупаници или клоци и тепање со пендрак или други предмети за време на апсењето или во полициска станица со цел да извлечат признание од нив. Извештајот, долг 101 страница, содржи описи на неколку случаи во кои делегацијата собрала медицински докази за да ги поткрепи овие наводи.

КПТ препорачува да бидат преземени низа мерки од страна на властите на Северна Македонија, особено и целосна одговорност на високите полициски службеници за постапувањето на нивните подредени и обука за современи техники на кривична истрага. Покрај тоа, правните гаранции, како што се пристап до адвокат и информирање на трето лице за лишување од слобода на лице, мора да се применат од почетокот на оваа мерка. Исто така, според КПТ, треба да се подобри ефикасноста на истрагата за наводите за лошо постапување.

Извештајот на КПТ, кој беше усвоен на 3 јули 2020 година, е многу критичен кон континуираното одбивање на властите да поправат одредени фундаментални недостатоци во затворскиот систем. КПТ смета дека е потребна непосредна акција за справување со недостатокот на професионален став за справување со сложените ситуации во затворскиот систем, лошото управување и лошите перформанси на персоналот, недоволно екипирање, лош квалитет на здравствена заштита што им се обезбедува на затворениците.Понатаму, недостаток на адаптиран режим што им се нуди на затворениците, високото ниво на насилство меѓу затворените, жалните материјални услови и ендемската корупција на персоналот.

Тежината на овие проблеми е најголема во затворот Идризово, во кој се сместени над 60 проценти од вкупната затворска популација на земјата. Извештајот детално ги опишува нехуманите и понижувачки услови забележани во главните области за сместување на овој затвор.

КПТ, уште еднаш потсетува на долгогодишните недостатоци на затворот во Скопје, како за материјалните услови, така и во отсуство на каков било мотивирачки режим.

Во затворот во Охрид, неколку затворени малолетници тврдеа дека биле подложени на шлаканици, удари со тупаници и палки кога се однесувале лошо. КПТ препорачува персоналот да биде обучен за техники за ослободување од напнатост и мерки на воздржаност и раководството да изврши подобар надзор над нивната работа. Исто така, според КПТ од суштинско значење е сите малолетници притворени во овој објект да добијат сеопфатна програма за активности прилагодени на нивните потреби, што е далеку од тоа да биде случај за време на посетата на делегацијата на КПТ.

Во однос на психијатриските болници во Демир Хисар и Негорци, КПТ препорачува да се преземат мерки за зголемување на бројот на психијатри, развој на психосоцијални и терапевтски активности врз основа на мултидисциплинарен пристап и воспоставување на индивидуални протоколи за третман на пациентите. Во болницата Демир Хисар мора да се преземат чекори за да се осигури дека сите пациенти навистина можат да имаат корист од вежбање на отворено секој ден. Општо, треба да се направи многу повеќе за да се унапреди процесот на деинституционализација со воспоставување соодветни услуги за ментално здравје во заедницата.

Во Специјалната установа за лица со интелектуална попреченост Демир Капија, главната институција за социјална заштита во земјата, КПТ во извештајот ги повикува властите на С.Македонија да дозволат редовен пристап надвор за сите жители, да го зголемат бројот на персонал одговорен за згрижување на жителите и зголемување на понудата за активности за рехабилитација. Покрај тоа, судовите мора да извршат редовно и брзо прегледување на одлуките за сместување на жителите.

Властите на Северна Македонија во својот одговор на 31 страница даваат детални информации за преземените мерки за спроведување на препораките дадени од КПТ. Особено, властите известуваат за мерките донесени како одговор на итните барања на КПТ, имено, затворањето на одредени проблематични крила на затворот Идризово, редовното снабдување со вода за пиење во затворот Куманово и реновирањето на затворот во Скопје. Покрај тоа, се даваат информации за отворањето на Тетовскиот образовен и поправен центар за малолетници и за реновирање на одделенијата во психијатриската болница Негорци и специјалната установа Демир Капија.

На конференцијата за печат за претставувањето на годишниот извештај за 2020 година, КПТ при ад хок посетата на Северна Македонија на 9 декември 2020 се обиде да го интензивира својот постојан дијалог преку разговори на високо ниво,

-Разговорите на високо ниво, во кој е вклучен премиерот на Северна Македонија, ја покажува заложбата на властите на Северна Македонија да се вклучат и да ги имплементираа препораките на КПТ, нагласи претседателот на КПТ Алан Мичел.

Дискусијата што се водела ја истакна потребата за професионална затворска служба со јасни упатства и ефективен надзор врз тоа како таа се раководи. Исто така беше речено дека Министерството за здравство треба да инвестира повеќе во подобрувањето на здравствената заштита што им се дава на затворените лица. Исто така, се дискутираше за неопходните мерки за обезбедување на затворениците со минимални услови во затворите во Идризово и Скопје и воспоставување режим на стимулација.

Но и покрај декемвриската посета на КПТ и разговорите на високо ниво, Народниот правобранител на С Македонија по претставка на Јордан Камчев, преку адвокатското друштво „Менкиновски“, при посетата на КПУ Скопје, „беспоговорно констатира дека сместувањето во првата просторија во која се наоѓал Ј.Камчев, од каде бил преместен по најавата за посета на Народниот правобранител, го смета за нехуман и деградирачки третман врз задржано лице“. Оваа претставка била пренесена до КПТ во Стразбур.

Мајкл Неваутер, заменик извршен секретар, раководител на оддел при КПТ, во однос на посетата на С Македонија и последната претставка дојдена од земјата рече: -Тоа покажа дека има сериозни прашања кои треба да се решат, а во врска со посетата од 2019 година ; интензивни консултации се одвиваат помеѓу КПТ и Северна Македонија, се со цел да се имплементираат препораките од претходниот извештај.

Според препораките од Eвропската конвенција за спречување тортура и нехуман или понижувачки третман или казна, таквите консултации треба да се чуваат во тајност, мора да бидат доверливи а фактот што такви консултации кои се случија беа објавени како тој во декември 2020 година кога претходниот претседател на КПТ се сретна со премиерот на Северна Македонија. Но работите се движат цело време, се надеваме во позитивна насока, заврши Неваутер.

ЕУРО 2020

Македонија