вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 10
home Вести

КОВИД-19 ја испразни и касата на штипската болница

КОВИД-19 ја испразни и касата на штипската болница

КОВИД-19 ги испразни касите на болниците низ Македонија. Финансискиот колапс не ја зафати единствено ГОБ „8-ми Септември“, туку со истиот проблем се соочува и Болницата во Штип. За време на КОВИД-19 пандемијата не работеа амбулантите, не се правеа хируршки интервенции, па дневниот максимален прилив од околу 140.000 денари се стопи на само 7.000 денари. Од друга страна трошоците за лечење на лицата од корона се зголемија, а истите Фондот за здравствено осигурување не секогаш и на сите КОВИД центри им ги плаќа.

Ова се случува кога во источниот и јужниот дел на земјава каде има над 500 активни случаи на КОВИД-19. Граѓаните стравуваат дека ситуацијата може целосно да излезе од контрола.

ПАРАЛИЗА НА БОЛНИЦИТЕ

Коронавирусот удри врз буџетите на регионалните болници кои се справуваа  со  новиот вирус кој ја зафати дури и нашата држава. Шест месеци болниците се бореа со вирусот, но финансиски средства од државата и ФЗОМ се уште немаат добиено. Сега штипската болница како регионален КОВИД центар нема доволно финансиски средства ниту за основните потреби кои се потребни за нормално функционирање на истата. Дури и пораснале ставките за набавка на заштитна опрема и на кислород за КОВИД центрите.

-Голем дел веќе и ги потрошивме тие средства некаде шест и повеќе милиони кои што беа стриктно за тоа, и се искористија. Еве и сега една илустрација каде уште имаме енормно зголемени расходи, да речеме тоа е ставката на набавка на кислород. Ако во нормални околности сме карикирам користеле одредена количина за една година, сега целата количина што е за годишно ниво е потрошена за некаде четири месеци, изјави директорот на Болницата во Штип, Ален Ѓеорѓиев пред неколку дена за телевизија Телма.

ДЕФИЦИТЕН КАДАР

Проблем имаат и со недостиг на лекари во штипскиот КОВИД центар, еден од инфектолозите од Штип е на боледување, а лекарката од Струмица си ја бара матичната болница, бидејќи таму деновиве бројките на заразени се загрижувачки. Во меѓувреме се чека на поставување на монтажната болница, која треба да има капацитет за 42 пациенти, според информации на телевизија Телма.

Граѓаните реагираат дека ненавремени и лоши услуги понекогаш се и пресудни по нивниот живот, особено кога треба да се интервенира во итни ситуации. Проблемот со недостаток на специјалисти не се однесува само на пациентите, туку и на самите специјалисти кои во текот на еден работен ден се случува да треба да прегледаат и до 50 пациенти. Тоа не им дозволува временски да посветат доволно внимание и грижа за секој поединец, што повторно резултира со незадоволство.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во 2019 година по повод седми април – Светскиот ден на здравјето на Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово изјави:

„До 2020 година, платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат 100 илјади денари, односно 1.600 евра“.

Притоа, тој истакна дека во 2018 година се распишале рекорден број државни специјализации, 240 специјализации и 115 супспецијализации во различни области, а 2019 година во септември следел конкурс за специјализации, особено во дефицитарни области.

Министерството за здравство апелира до болниците дека ги чека средствата од Светска банка.  Од овој кредит треба да се платат монтажните модули. А, пред неколку дена, власта најави дека го одобрила новото задолжување од 90 милиони евра кај Светска банка.

Коронавирус