недела, 26. септември 2021. Вести денес: 87
home Вести

Ковачки: Ако се донесе Законот за личната карта и во графата се впише Македонец, тогаш Заев ќе биде во шах-мат позиција

Ковачки: Ако се донесе Законот за личната карта и во графата се впише Македонец, тогаш Заев ќе биде во шах-мат позиција

Ако се донесе Законот со кој на Македонците им се овозможува во личната карта да им се впише во графата Македонец, тогаш Зоран Заев ќе биде во шах-мат позиција, пишува на својата Фејсбук страница членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.

Во продолжение интегрално можете да ја прочитате целата објава на Ковачки:

За Законот за лична карта…

Во недостаток на теми за дефокус од поразителните извештаи за криминал и корупција во највисоките редови на власта како и нереализираните ветувања за живот, Заев во Парламентот повторно активира национални теми и фрла се’ на една карта само со една цел – останување на власт по секоја цена (затоа што знае што следи после тоа ако падне од власт).

Деновиве преку негови испостави ја активираат дебатата за тоа дали треба или не треба во личните карти да стои националноста на граѓаните.

Нашиот став е јасен и познат уште од почетокот на годината кога беше актуелизирано прашањето, а тоа е дека ние како партија сме согласни да во личната карта стои националноста. И не само што сме согласни, туку ние инсистираме на такво решение.

Зошто?

Затоа што со ова решение Заев и неговата купи-продај политика се доведува во ќор-сокак, a лагите од договорот од Преспа ќе излезат на виделина.

Како?

Потсетете се кога Заев ги договараше Уставните измени со цел да го реализира договорот од Преспа…

За да ја добие поддршката од БЕСА, Заев им вети дека во личните карти ќе им даде можност да се впише националноста. Е сега, доколку такво нешто помине како Закон, тоа не би било никаков проблем за никого, дури ни за Бугарите, Грците итн, освен во еден случај.

Тој еден случај е кога во личните карти во националноста би требало да се впише Македонец !

Тука е веќе големиот проблем за Заев. Може да го замислам уште сега како им се извинува на Грците дека направил ненамерна и непромислена “тешка геостратешка грешка” кога им го давал ветувањето на БЕСА и не предвидел дека така може да ги налути Грците.

Не сакам да тврдам дека Заев активирал некоја од помалите партии во негова одбрана, но очигледно е дека Левица во овој момент кога Заев е изнесен на чистина и кога сега само треба да се реализира неговата “политичка егзекуција”, му фрла гума за спасување.

Внимавајте, не само што со блокирањето на овој закон за лична карта ќе му се помогне на Заев да го амортизира незадоволството кај БЕСА, а и нема да ги налути Грците со внесување на графа за Македонци, туку Заев со тоа преку Левица прави напад на ВМРО-ДПМНЕ, односно “ВМРОвците не разбирале европски вредности и не ги познавале европските конвенции. Згора на тоа биле и за федерализација… ”

Пазете, ВМРО биле за федерализација ?! Јака теза од кујната на СДСМ.

Еве го мојот став: ова за мене се заклучоци кои не се базирани на докази. Значи, процесот на федерализација е започнат од поодамна, уште со територијалната реорганизација во 2004-5, но прашањето е дали сега на Албанците тоа им одговара.

Да, убаво читате, дали такво нешто на Албанците во Македонија им одговара?

Јас мислам НЕ. Но, за тоа во друга прилика.

Заклучокот за законот за лична карта е овој:

Ако се донесе Законот со кој на Македонците им се овозможува во личната карта да им се впише во графата Македонец, тогаш Зоран Заев ќе биде во шах-мат позиција.

На тој закон ќе види цела македонска јавност што договорил Заев во Преспа и дали идентитетот ни е бетон како што самиот тврди.

Ако не се донесе Законот, тогаш Зоран Заев ќе има оправдување пред БЕСА дека не зависи од него туку од Левица која блокира, ќе си остане сервилен кон соседите и ќе продолжи со нападите кон ВМРО-ДПМНЕ преку Левица.

Затоа, законот за лична карта треба да се донесе!

*Инаку, со лична карта може да се патува и надвор од Македонија, така да ова е уште еден проблем за Заев, пишува Ковачки во својата објава.

Коронавирус