петок, 30. септември 2022. Вести денес: 147
home Вести

Костовски: Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ поднесени за неуставниот закон за двојазичност беа фрлени- да се откријат и санкционираат одговорните

Костовски: Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ поднесени за неуставниот закон за двојазичност беа фрлени- да се откријат и санкционираат одговорните

Некој од Собраниските служби вчера ги фрли амандманите на ВМРО-ДПМНЕ поднесени во врска со неуставниот закон за двојазичност. Кому му сметаат амандманите на неуставниот закон за двојазичност? Дали е ова организиран акт и колкумина се вклучени во овој срамен, недемократски чин? Кој ја дал наредбата? Дали со фрлањето на амандманите некој сакал да испрати порака дека е залуден секаков обид за аргументирана дискусија и правно побивање на неуставните закони? Дали некој сакал да испрати порака дека со доаѓањето на власт на Заев демократијата заврши во контејнер и се ќе биде само како што ќе одлучи СДСМ, колку и да се штетни нивните одлуки за државата и народот?, праша Дарко Костовски на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Истрага за овој срамен недемократски инцидент мора да започне и истрага мора да има, а одговорните мора да бидат откриени и санкционирани. Не смее никому да му се дозволи да ја понижува демократијата на овој начин. Ваквите постапки нема да го спречат ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да стои во одбрана на законите и Уставот на државата. Законот за двојазичност кој СДСМ насилно го носи е спротивен на Уставот на Република Македонија. Овој закон ја уназадува употребата на македонскиот јазик како кохезивно средство за комуникација на сите заедници во земјата, а неговото вештачко наметнување носи сериозни финансиски импликации, рече Костовски и додаде:

„Претседателот на државата, јазичните експерти и професори како и општата јавност цело време укажуваат на недостатоците и неуставноста и штетноста на законот. СДСМ наместо на сила да го носи законот кој носи штета на граѓаните и државата ја има можноста да го повлече, да ги прифати забелешките и да отвори широка дебата со што ќе покаже дека работи за доброто на граѓаните“.

Костовски образложи дел од членовите кои, како што рече, се во спротивност со Уставот на државата, а на кои пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ приложи амандмани за нивна корекција.

-Во Членот 9 од законот се вели дека во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Тоа не е во согласност со членот 8 став 1, алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија, а во правото постојат само јасни и недвосмислени норми за логично правно функционална целина. Ваквата одредба води кон правна несигурност на граѓаните и правните лица во земјата.
Членот 10 предвидува во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки како и налозите, заклучоците и записниците пред извршител се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Истото не е во согласност со Амандманот 5 од Уставот поради тоа што истите не спаѓаат во организација на државната власт во Република Македонија, а со тоа државата се меша во водењето на приватните бизниси на граѓаните.
Членот 11 предвидува институциите надлежни за управување со институциите за извршување на санкции, како и самите институции надлежни за извршување на санкции се обврзани во комуникацијата и постапките да го применуваат македонскиот јазик и неговото писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку лицето за кое станува збор зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Одредбата исто така води кон правна несигурност на граѓаните и правните лица и е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, каде стои дека владеењето на правото е темелна вредност на правниот поредок каде егзистираат само прецизни и недвосмислени норми со кои се одредува правно функционална целина.

ВМРО-ДПМНЕ, подвлече Костовски, поддржува унапредување на правата на заедниците во Македонија, но доколку тоа е во согласност со Уставот на државата.

-Ваквиот закон нема да го унапреди животот на граѓаните, овој закон јасно води кон поделби. ВМРО-ДПМНЕ се залага и се бори за интегрирано и просперитетно општество во кое ќе се почитуваат Уставот и законите и кое носи еднакви можности за сите граѓани на Република Македонија.

Во продолжение е видеото на кое се гледа дека амандманите на ВМРО-ДПМНЕ завршија во контејнер.

Коронавирус