среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 158
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Контроверзно однесување и пораки од Берлин: Зошто германски државен медиум ја напаѓа првата македонска министерка Еврејка?

Контроверзно однесување и пораки од Берлин: Зошто германски државен медиум ја напаѓа првата македонска министерка Еврејка?

За 24 часа државниот германски информативен сервис Дојче Веле односно редакцијата на македонски јазик во два текста отворено ја напаѓа првата македонска министерка Еврејка.

Двата текста против Мизрахи доаѓаат по отворениот антисемитизам изразен од приврзаници и активисти на СДСМ кон Рашела Мизрахи.
Од неколкуте случаи на антисемитизам кон Мизрахи некаква одговорност беше побарана само од колумнистот на весникот Слободен Печат Бранко Тричковски кој зборуваше за правење “Хумус од Евреи”.

Сите останати вработени или соработници на македонски државни институции не сносат никаква одговорност за својот антисемитизам. Одговорност не се бара ниту од член на извршен одбор на државната МЕПСО Љупчо Зиков кој јавно напиша дека Мизрахи била глупава како за Еврејка.

Во ваква зовриена ситуација германскиот јавен сервис – медиум Дојче Веле односно редакцијата на македонски јазик за еден ден објавува два текста кои не се ниту вест ниту анализа туку наликуваат на партиски памфлети и дел од партиската пропаганда што деновиве ја користи СДСМ во пресметка со ВМРО-ДПМНЕ.

Во текстовите никаде не пишува дека се работи за личен став, мислење или колумна, ниту дека текстовите не се став на редакцијата на македонски јазик при Дојче Веле.

Едниот текст е на Катерина Блажевска и во него таа не пренесува вест или информација за состојбите во Македонија туку ламентира, прашува и инсинуира дека Мизрахи нема доблест ниту мудрост.

“Да имаше малку доблест и мудрост, техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, сама требаше да си поднесе оставка на функцијата, пред да стигне во Собранието предлог од премиерот Оливер Спасовски за нејзино разрешување”, пишува Блажевска која заклучила дека Мизрахи не е мудра а премолчува дека Спасовски во јавните настапи користи само Македонија без северна.

Без да ги испочитува основните новинарски стандарди за консултација на втора страна и без ниту еден факт и аргумент за своите тези Блажевска претставувајќи го германскиот медиум зборува дека Мизрахи ќе биде “изедена од својата партија”.

И Блажевска не запира тука, водејќи се од некои свои интереси кои не се исти со германскиот државен медиум таа без никакво логично објаснување заклучува дека Мизрахи е лицемерна и дека своите професионални капацитети ги ставила на располагање на партија.

Вториот текст на Дојче Веле за министерката Еврејка е уште поопасен за имиџот на германскиот медиум кој го финансира германската држава и кој се смета за симбол на официјалната германска надворешна политика.

Автор на овој текст е Борис Георгиевски уредник во македонската редакција на Дојче Веле кој би требало да знае каква порака се испраќа со објавување на два текста во нецели 24 часа против министерката Еврејка која дваесетина дена е цел на антисемитски напади во Македонија.

Во текстот на уредникот за Мизрахи преовладува сарказам што може да биде дел од колумните на македонски новинари кои се прецизно наведени на веб сајтот на Дојче Веле но не и во рубриката која ја полнат вработените новинари и уредници и која е предвидена за вести и информации согласно стандардите на германскиот државен медиум.

“Техничката министерка Мизрахи секојдневно реди успеси. Нејзините дела говорат повеќе од нејзините зборови. Седната во државна фотелја, таа, имено, одбива да стои пред табла на која пишува „Северна“, пишува Георгиевски користејќи сарказам и употребувајќи го Корона вирусот и тврди предмети за да ја постигне својата (не)јасна цел.

Со овие два текста во кои германскиот државен медиум не се оградува од личните ставови на новинарите на Дојче Веле кое јавно прокламира “непристрасно новинарство” директно и пристрасно се вклучува во македонските политички и партиски пресметки што е недозволиво за медиум од земја столб на ЕУ и држава со јасни правила во новинарството и политиката.

Кој ќе ја преземе одговорноста за политизацијата, пристрасноста, прекршување на новинарските стандарди и злоупотреба на парите на германските даночни обврзници е прашање за кое можат да одговорат и германскиот амбасадор во Скопје, компанијата Дојче Веле но и федералните власти во Берлин.

Отворениот напад на Дојче Веле врз првата македонска Еврејка што станала министер се случува во исто време додека германската амбасада и амбасадор во Скопје за разлика од другите највлијателни дипломати од само за нив познати причини мудро молчат за сите отворени прашања со кои се соочува Македонија.

Со тоа единствениот глас и став за внатрешните состојби во земјава ни доаѓа преку државниот германски сервис Дојче Веле.

Тој глас е далеку од аналитичен, конструктивен, разумен, непристрасен и професионален за каква ја сметаме Германија како држава. Напротив се работи за глас кој асоцира на “лов на вештерки”, длабоко во 21 век.

ИЗВОР: ЕКСПРЕС.МК