сабота, 6. јуни 2020. Вести денес: 23
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Контрадикторноста на СДСМ ги збунува граѓаните: Славјанка Петровска си измислила мерка за најмногу тројца патници во возило

Контрадикторноста на СДСМ ги збунува граѓаните: Славјанка Петровска си измислила мерка за најмногу тројца патници во возило

Повеќе од тројца патници, вклучително и возачот не смеат да се возат во ист автомобил, е едно од ограничувањата за време на вонредната состојба во државава, соопшти вчера Славјанка Петровска, дополнителен  заменик на министерот за внатрешни работи.

На инфоративната видеосесија за ограничувањата на движењата на граѓаните, односно полицискиот час со цел спречување на ширењето на коронавирусот Петровска прецизираше дека патниците во автомобилот треба да имаат заштитна опрема, ракавици и маска.

Но, таа одлука важеше до денеска, односно не важеше воопшто. Излезе како Петровска да си ја измислила бидејќи таква мерка не постои.

Така, Петровска денеска излегува со сосема поинаква изјава од таа вчерашната, па вели дека во автомобил можат и по четворица.

Денеска појасни дека  во автомобил што не се користи за комерцијални цели може да се возат четворица возрасни, додека правилото најмногу до тројца ќе важи за возило кое се користи за извршување на работни задачи, односно за теренски активности.

Дополнителната заменичка на министерот  очигледно не знае по кои уредби постапува МВР, а уште помалку знае како тоа да им го пренесе на граѓаните.

По вчерашните изјави на претставничката на СДСМ, кај јавноста се појави паника и револт, а денес граѓаните слушаат, по којзнае кој пат, контрадикторни изјави.

Дали вчера Петровска од СДСМ сама си ја измисли мерката или пак дури откако ја соопшто сфати дека е премногу лош чекор, па се предомисли, можеби ќе дознаеме во некоја нејзина трета изјава.

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денес детално образложи кои мерки се донесени, а онаа која неговата заменичка ја соопшти вчера е буквално непостоечка.

„Во интерес на целосно и точно информирање на јавноста ги информирам граѓаните дека владата на седница која се одржа на 06 април ги донесе следните одлуки:

-Се забранува движењето на граѓаните на територијата на целата држава од понеделник до петок во период од 16:00 до 05:00 часот и за време на викенд од 16:00 часот во петок до 05:00 часот во понеделник. Во однос на лицата со возраст 67 години се забранува движење од понеделник до петок, во период од 12:00 до 10:00 часот наредниот ден. За лицата на возраст до 18 години се забранува движење од 15:00 до 13:00 часот наредниот ден.
-Се забранува собирање во група на повеќе од две лица во паркови и на други јавни места, при што лицата помлади од 14 години кои се во придружба на родител кој е дел од групата не се вбројуваат.
-За време на забраната за движење на граѓаните, сопствениците на домашни миленичиња (куче) кои живеат во колективни станбени објекти може да ги изнесуваат истите надвор најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат и тоа: во времетраење од 30 минути, односно од 20:00 до 20:30 часот, а во деновите сабота и недела, наутро од 8:00 до 8:30, попладне од 15:00 до 15:30 и во вечерните часови од 20:00 до 20:30 часот.

-Во однос на пласираните информации во јавноста кои се однесуваат на ограничувањето на групирање на граѓаните во возила и употреба на заштитна опрема ги информирам граѓаните дека не е донесена ваква препорака или одлука, но апелирам до нив да ги почитуваат препораките за социјално дистанцирање и носење заштитна опрема со цел заштита на своето здравје и здравјето на своето најблиски, напиша Чулев.

 

Коронавирус