понеделник, 22. јули 2019. Вести денес: 40
home Вести

Контрадикторност: Од затворот тврдат дека екс-министрите провоцирале, директорот признава дека допрва ќе се прави истрага

Контрадикторност: Од затворот тврдат дека екс-министрите провоцирале, директорот признава дека допрва ќе се прави истрага

По инцидентот во притворското одделение во Шутка, каде беа претепани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, се огласија писмено од затворот.

Од таму, за инцидентите ги обвинија повредените дека испровоцирале да бидат нападнати.

-На ден 21 февруари 2019 година околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд, велат од затворот „Скопје“.

Под притисок од јавноста, дека од затворот треба да се огласат и да одговорат на повеќе прашања, но и да ги образложат ваквите тврдења, вечерва изјава за медиумите даде директорот на затворот, Ѓоко Котевски.

Тој го прочита пред камерите соопштението кое веќе беше испратено до медиумите, но проблемот настана кога започнаа новинарските прашања.

Иако во писменото соопштение и неговата изјава беше дефинирано дека Јанакиески и Ристовски провоцирале, тој потоа кажа дека допрва треба да бидат разгледани снимките, за да се утврди како дошло до овој инцидент.

Тогаш директорот почна со контрадикторни тврдења и тези, оставајќи простор за сомнеж дека сака нешто да сокрие од граѓаните.

-Ние ќе почнеме постапка, денеска веќе работиме на тоа. Постојат камери, надзор, постојат овластени службени лица кои вршат мониторинг на тој простор. Се прибавуваат изјавите. Во тоа шеталиште не биле само двете лица, туку биле лицата кои се во тие соби. Да почекаме да видиме што ќе каже истрагата, не сакам да прејудицирам како ќе биде, истакна директорот.

Дали од затворот можат да тврдат дека претепаните провоцирале инцидент ако самите признаваат дека истрагата не е ниту почната, а камоли завршена?

Се отвора простор за сомнеж дека во овој случај нешто не е сосема јасно, но и дека е можно нешто да сакаат да сокријат. Дали затворот сака да ги заштити напаѓачите?

Котевски најави дека управата допрва ќе почне истрага за тоа дали е направен некаков пропуст од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби, па ќе биде покрената соодветна истрага и дисциплинска одговорност.