вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 33
home Вести

Конститутивна седница на новото Собрание: Избрана Верификациската комисија

Конститутивна седница на новото Собрание: Избрана Верификациската комисија

Собранието денеска на првата конститутивна седница ги избра претседателот и членовите на Верификациската комисија, која на паузата што ја даде претседателот во претходниот состав Талат Џафери, кој ја води седницата, треба да го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени парламентарни избори.

За претседател на Комисијата на предлог на Џафери беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.

– Го молам претседателот на Верификациската комисија да свика седница на која ќе го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија одржани на 15 јули 2020 и дополнително да поднесе извештај со предлог за верификација на мандатите, рече Џафери.

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав се одржува во салата Голема купола согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. На оваа седница од 120-те пратеници не присуствуваа само тројца.

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

На предвремените парламентарни избори одржани на 15-ти јули, Коалицијата на СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Просечната возраст на новоизбраните 120 пратеници е 45 години. Во собраниските клупи ќе седнат 77 пратеници и 43 пратенички.Новиот состав на парламентот може да се смета и за „подновен“ со оглед дека има само 28 пратеници од стариот состав. Пратениците Али Ахмети, Мендух Тачи и Иван Стоилковиќ ќе го почнат седмиот мандат во Собранието.

Во однос на возраста, 16 од новите пратеници имаат помеѓу 23 и 35 години. Најмлада пратеничка е 23- годишната Артина Ќазими студентка од гостиварски Добри Дол, која доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, а 72 години имаат нејзините највозрасни колеги – Стојан Миланов од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Илија Николовски од коалицијата на СДСМ.

Коронавирус