вторник, 1. декември 2020. Вести денес: 206
home Вести

Комората на сметководители бара да се носат навремени и прецизни законски решенија

Комората на сметководители бара да се носат навремени и прецизни законски решенија

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), бара да се носат јасни и навремени законски решенија со подобра техничка и институционална подготвеност за нивно спроведување. Тоа, според нив, е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза каква што е актуелната.

Како што истакна Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители на денешната прес-конференција, при носењето на законските решенија за економските мерки мора да се имаат предвид роковите во кои тие треба да се имплементираат, но и роковите кои веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време кое е потребно за да се изготви документацијата за аплицирање.

-Денеска сме 27 октомври, а законот за финансиска поддршка за исплата на плата за октомври, ноември и за декември уште не е донесен. Пријавата за добивање финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбедат сите потребни документи. Ако се земе предвид како досега функционираа работите кога беше во прашање аплицирањето за економските мерки, повторно товарот ќе падне на сметководителите, а некои претпријатија поради кусите рокови може и да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош, рече Андреева и додаде дека во нормални услови пресметките за исплата на плати почнуваат од 25-ти во месецот, за да може навреме да се исплатат личните доходи до 15-ти наредниот месец.

Таа нагласи дека уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи каде се обработуваат и систематизираат податоците за деловните субјекти врз основа на кои потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Според неа, критериумите и условите треба да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не oставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни.

-Во Законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието, би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош во рамки на мерките од четвртиот пакет треба да се исплати бруто или нето плата. Ако остане недефинирано, како што беше со уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават различни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти, рече Андреева.

Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители истакна дека иако сметководителите очекуваа подобрување на нивниот статус и решавање на проблемите да се постигне со измени на Законот за вршење на сметководствени работи што беа договаран во претходната година, законското решение се уште е во собраниска процедура, а законските измени, како што кажа, повторно се носат во процес кој е нетранспарентен и неинклузивен.

-Во услови на пандемија, спроведувањето на сите економски мерки падна на товар на сметководителите, како единствен линк меѓу стопанството и државата. И без континуирано професионално усовршување, ние деноноќно се усовршувавме бидејќи ги следевме и толкувавме сите комплицирани пресметки и цело време моравме да се трудиме да бидеме известени за сите чести измени кои се случуваа. Наместо давање правна сигурност и заштита, со ваквиот начин кога се постапува без консултација со засегнатите страни за реалните потреби на фелата се постапува спорти интересите на давателите на сметководствени услуги, рече Грозданов.

Тој појасни и дека сите професионални дејности кои нудат услуги имаат потреба од континуирано усовршување, a Министерство за финансии треба да ги отстрани сите недостатоци и недоречености за изведување на процесот.

-Апелираме до надлежните институции да размислуваат во насока на намалување на обемот и опфатот на податоците кои се бараат во даночните и статистичките извештаи и да размислуваат за продолжување на роковите заради тоа што огромен е товарот кој во услови на здравствено-економска криза на себе го понесуваат сметководителите. Не смее да се заборави во овие кризни услови дека тоа што се здравствените работници во здравствениот систем, тоа се и сметководителите во економскиот систем, потенцира Грозданов

Коронавирус