вторник, 20. август 2019. Вести денес: 7
home Вести

Комисија за заштита од дискриминација: ЛГБТ собирот во Скопје е говор на омраза и чин на омаловажување кој треба да се осуди

Комисија за заштита од дискриминација: ЛГБТ собирот во Скопје е говор на омраза и чин на омаловажување кој треба да се осуди

По реакциите на јавноста во однос на ЛГБТ собирот кој се одржа на 11.6.2019 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во согласност со своите законски надлежности излезе со јавен став во кој овој настан се оценува како пример на говор на омраза, нетрпеливост и нетолеранција.

„КСЗД смета дека станува збор за свесен, намерен и осмислен чин на провокација и омаловажување кој предизвикува повреда на чувствата, односно вознемирување и дискриминација кон најмалку два сегмента во нашето општество, односно: регистрираните верски заедници и нивните припадници, како и кон останатите наши сограѓани независно од нивната верска определба или друга афилијација“, се истакнува во соопштението упатено до медиумите.

Комисијата ги повика организаторите на настанот, како и институциите на државата, во рамките на своите надлежности да преземат соодветни чекори со кои ќе се отстрани ваквата повреда на правото. Истовремено, членовите на овој државен орган ги информираат верските заедници, невладините организации, академската заедница, како и граѓаните, дека им стојат на располагање за натамошна правна и друга помош поврзана со заштитата на нивните права и слободи во врска со овој случај.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација укажува дека во секое демократско општество, границите на остварувањето на правата и слободите на една група граѓани се омеѓени со моралните стандарди и правните правила од една страна, како и со правата и слободите на другите граѓани кои не смеат да бидат загрозени, од друга страна. Во таа смисла, настанот од 11 јуни 2019 година организиран од повеќе организации за поддршка на правата на лицата со ориентација различна од хетероскуалната, претставува целосна спротивност на вака поставениот уставно-правен систем.

На 11.6.2019 година, во Музејот на современа уметност, во рамките на т.н. „недела на гордоста“ спорниот перформанс на ЛГБТ здруженијата, прикажуваше сцени на гол маж облечен како православен свештеник како општи со гол светител, што беше предизвика серија на реакции со осуда, од страна на повеќе верски лица, граѓански активисти и новинари, меѓу кои и владиката Пимен, поранешниот амбасадор Оливер Шамбевски и уредникот Љупчо Златев.