четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 0
home Вести

Комеморативна седница за професор д-р Атанас Вангелов

Комеморативна седница за професор д-р Атанас Вангелов

Во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Друштвото на писателите на Македонија се одржа комеморативна седница во чест на проф. д-р Атанас Вангелов (1946-2021) – еден од најголемите македонски филолози на XX и XXI век.

На комеморативната седница, реч за проф. д-р Атанас Вангелов одржа и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Таа се осврна на синтезите меѓу Вангелов, МСМЈЛК, ИНАЛКО, Париз и големиот влог во македонската филологија.

Таа потсети дека во 1975/1976 година Вангелов е на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада, а подоцна, четири-пет години е и лектор по македонски јазик и литература на Институтот за источни јазици и цивилизации, популарно познат како ИНАЛКО. Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година.

-Вангелов со својата активност како лектор по македонски јазик на ИНАЛКО се вгради во овој лекторат или поточно Вангелов е тој кој му даде цврсти темели на лекторатот по македонски јазик, литература и култура, рече Мојсова-Чепишевска.

Според неа, на Вангелов во 70-тите години на минатиот век му се дава можност да го афирмира македонски јазик во Франција и тоа максимално го искористува. Истовремено го научил францускиот јазик и потоа во текот на својот живот ѝ остави на македонската филолошка наука извонредни преводи од големи имиња… За тоа француската влада го одликува во 1995 година за заслуги за ширење на француската култура со орденот „Офицер на универзитетски палми“.

-Она што треба посебно да се истакне, а тоа е извонредната врска што тој ја остварува со Цветан Тодоров и за тоа тој многу емотивно пишуваше по повод заминувањето на Тодоров од овој свет, рече Мојсова-Чепишевска.

-Венко Андоновски ја наслови својата реч и од свое лично име, но и од името на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности како „Згасна уште едно македонско книжевно соѕвездие“. Но, оној момент кога со физичкото заминување на Атанас Вангелов згасна тоа македонско книжевно соѕвездие овде на земјата, имам чувство дека токму во тој момент се роди едно друго, европско и планетарно, книжевно соѕвездие именувано по квартетот Јакобсон-Конески-Тодоров-Вангелов, рече Мојсова-Чепишевска. (МИА)

Коронавирус