вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 141
home Вести

Колумна: СИМУЛАЦИЈА НА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО.

Колумна: СИМУЛАЦИЈА НА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО.

Поминаа речиси три децении откако конвенционалната наука за општеството и државата и мејнстрим медиумите, под импресии од крајот на Студената војна и победата на западниот либерализам, започнаа една долга кампања на промоција на идејата за граѓанското општество во услови на демократски и ефикасни институции.

Огромна литература за владеење на правото и начелото на поделба на власта, безброј памфлети со повици за граѓанска свест манифестирана преку партиципација во општествено-политичкиот живот, илјадници брошури и извештаи за работилници во кои се јакнат демократските капацитети, толеранцијата и отвореноста за нови идеи кои ќе бидат одлика на новото општество. Интелектуалната елита од професори, академици и разни креатори на јавното мислење, во своите дела и јавни настапи, не убедуваа дека заеднички градиме либерално општество кое ќе успее да ги рефлектира сите граѓански потреби, интереси и мислења.

Според нив граѓанското општество ќе претставува рамноправна арена на различни интереси и животни сфаќања кои водат перманентен дијалог, при што длабоко ќе се респектира различноста на секој поединец или група. Во состојба на егзалтација, неретко објавуваа дека времето на тоталитарните системи кои ја монополизираа мислата е минато, и дека денеска живееме во општество кое ја глорифицира слободата. Како поминуваше времето својот идеализам го поткрепуваа со огромниот број на граѓански организации кои почнаа да дејствуваат во општеството, ослободени од притисокот на државниот апарат, и во улога на контролор на секоја владеачка гарнитура, редовно потсетувана на уставните обврски, секогаш да има разбирање за различните интереси и потреби на граѓаните во Македонија.

Но каков е резултатот денес во Македонија? Дали постои развиено граѓанско општество? Одговорот е негативен, затоа што реалноста е сурова и спротивна на идеалните замисли. Со разочарување може да констатираме дека нашето граѓанско општество, како никогаш до сега, е изложено на обиди за тотална доминација од страна на владеачката номенклатура, која управува со државата и јавниот дискурс и цели кон целосна контрола на општествениот живот. Денес на сцена катадневно ни се случува симулација на граѓанско општество од страна на СДСМ и мрежата на невладини организации кои се под контрола или пак блиски до Фондацијата Отворено oпштество-Македонија (ФООМ).

Субјектите кои даваат отпор се третираат како непожелни и се целосно маргинализизирани, постојано на раб на исчезнување, се бележат како рецидив на ригидното минато, фолклор кој со текот на времето ќе исчезне, тогаш кога според моќниците, Македонија целосно ќе се ремоделира и ќе функционира по теркот на “прогресивните”. Овој сојуз помеѓу мрежата на ФООМ и владејачката СДСМ е всушност крајно хомогена структура која произлегува од една иста идеолошка матрица.

Тие имаат намера да владеат со животот во Македонија. Нивната амбиција да го заземат целосно општествено-политичкиот простор, да го монополизираат со својот доктринарен поглед на свет влегува во судир и е противречен со вистинските човечки и колективни стремежи на граѓаните на Република Македонија. Главните експоненти на оваа оска манипулираат со маргиналните групи, искористувајќи ги за борба против идеолошките неистомисленици, со цел концентрација на уште поголема моќ.

Во нивните инкубатори низ цела Македонија, постојано регрутираат свои борци, целосно индоктринирани и задоени со екстремен индивидуализам, истите претставуваат агресивна формација на атомизирани и целосно одродени луѓе.

Фоомизацијата на чело со партискиот експонент СДСМ претставува бескруполозен обид за тотална контрола на граѓанскиот сектор, при тоа исклучувајќи го огромното мнозинство на граѓани, кое што не ги препознава овие самобендисани и корумпирани агитатори, не затоа што луѓето не се толерантни, или пак затворени и без иницијатива, туку длабоко во себе ги чувствуваат дехуманизаторските аспекти на оваа квазиграѓанска и антимакедонска елита која го задушува вистинскиот плурализам.

Колумна на комисија за односи со невладини организации на ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Ристов

ЕУРО 2020

Македонија