понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 100
home Вести

Колумна на Весна Кусакатска: ИМА ЛИ СМИСЛА?

Колумна на Весна Кусакатска: ИМА ЛИ СМИСЛА?

Учебната година започна по одложување од еден месец. За да се избегне на чија одговорност ќе започне наставата со физичко присуство, топката се префрлаше од едни кај други. Министерството на општините, тие на директорите, директорите пак на крај им ја подадоа на родителите кои на своја одговорност ги пуштија децата во училиште немајќи кому да ги остават. Немаа избор, пишува Весна Кусакатска, одделенски наставник.

Нејзината колумна ја пренесуваме во продолжение:

Се дозволи и дневен престој за ученици до 15 часот, а сега родителите бараат и дежурства до 17 часот за децата да им бидат згрижени додека не им заврши работното време. Со право. Немаат избор.

А можеше да биде поинаку. Можеше да се врати мерката за еден од двајца вработени родители на деца до 10 години да биде ослободен и онака се задолживме до гуша, долг што ќе го враќаат повеќе генерации.

Се носат одлуки администрацијата да работи што повеќе од дома за да се намали можноста на енормното ширење на вирусот. Во состојбава во која се наоѓаме овие денови кога бројката на заразени поминува 500 стана секојдневие и бројот на упокоени да е над 10, 20…

Се размислувало и наставниците да почнат да работат од дома, да се заштеди на греење. Прашањето било во процес на дискусија. На греење некој ќе заштеди, но интернетот на наставниците кој ќе им го плаќа?

Никој не помисли само на една група наставници, оние од прво до трето одделение. Тие, не по своја волја се жртвени јагниња, фрлени се во оган, секој ден играат руски рулет со самото влегување во училишната зграда. Работат неуморно со голема напнатост и концентрација обидувајќи се во исто време да ги реализираат часовите, да внимаваат некој ученик случајно да не ја извади маската, да не му кивне на другарчето, да не се закашла. Или треба со едно око да ги следат во ходникот оние кои ги пуштиле во тоалет, а со друго оние кои се во клупите и притоа да седат на одморите во училница, да внимаваат на учениците.

А да, истовремено да внимаваат и на себе бидејќи не се „пелцувани“ против сите болести, па короната да бега од нив. Ако истовремено изведуваат и настава ,,на близина“ и на далечина е тогаш не знам што да кажам.

Истовремено внимаваат на децата во училница, пишуваат на табла, трчаат до компјутерот, ги вклучуваат оние што се онлајн надевајќи се дека некој ученик во меѓувреме не ги ставил на ,,mute“ и истовремено работат и со едните и со другите. Со тоа што училницата е ,,отворена“ и наставата ја следат и родители, баби, дедовци исто така истовремено размислуваат и дека ќе бидат изложени на проценки од типот колку работи, како работи…

Работи двојно, дупло, како милувате наречете го, но за двајца е.

Нема пауза, нема тоалет, нема ништо.

Се прашувам, ИМА ЛИ СМИСЛА?

 

Весна Кусакатска, одделенски наставник

Коронавирус